Операторите на киносалите во светот конечно имаат причина за славење. „Барби“ (Barbie), комедијата за познатата кукла, и „Опенхајмер“ (Oppenheimer), биографскиот филм за пронаоѓачот на атомската бомба привлекоа многу филмски обожаватели и викендов помогнаа да се удвојат приходите од продажба на карти во однос на претходната година, на околу 302 милиони долари. Од друга страна, причина за загриженост се сигналите дека најголемите економии во Европа, Франција и Германија се на работ на рецесија, што секако ќе се одрази и во Македонија.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Над 13 милијарди евра тивко влегоа во регионот Адрија
Точно 14,6 милијарди долари (околу 13,1 милијарди евра) испратиле иселениците во петте земји од регионот Адрија (Македонија, Србија, БиХ, Хрватска и Словенија) во минатата година, покажуваат податоците на Светска банка за таканаречените приватни или лични трансфери. Станува збор за пари кои директно се влеваат во економските текови во овие земји, главно преку потрошувачката, а дел од нив завршуваат и како депозити во банкарскиот систем.
Според Светска банка, рекордер по приватни трансфери лани била Србија со 5,6 милијарди долари, по неа е Хрватска со 5,3 милијарди долари, а на третото место е БиХ со 2,4 милијарди долари. Потоа, следуваат Словенија (688 милиони долари) и Македонија, на последното место со 456 милиони долари.
Изгласан закон за ограничување на моќта на судиите во Израел
Израелскиот парламент го одобри нацрт-законот со кој ќе се намали можноста судиите да ги отфрлаат владините одлуки и назначувањата. Овој потег е дел од поширокиот план на владејачката коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху за ограничување на моќта на судството.
Стотици илјади Израелци излегоа на улиците во последните месеци, со став дека оваа регулатива ја загрозува економијата и безбедноста на земјата. Опозицијата, која има 56 пратеници наспроти 64-те на владечката коалиција, го напушти пленумот во знак на протест и не беше присутна на гласањето. Тоа и овозможи на Владата да го донесе својот предлог-закон со 64 гласа за и нула против.
Пристигна ворлдкоин, токенот на Сем Алтман
Беа потребни три години, повеќе дислокации на пазарот на дигитални средства и стотици милиони долари, но криптопроектот за скенирање на очното јаболко познат како ворлдкоин (Worldcoin) официјално профункционира.
„Ворлдкоин е обид за усогласување на глобално ниво“, се истакнува во изјавата на проектот за дигитален идентитет и криптоплаќања, чиј коосновач е главниот извршен директор на „Опен еј-ај“ (OpenAI), Сем Алтман. „Патувањето ќе биде предизвикувачко, а исходот е неизвесен“. А пазарот на дигитални средства и пошироката технолошка индустрија претрпеа остри промени во годините по основањето на проектот.
Инвеститорите очекуваат паузирање на циклусот на раст на каматните стапки
Данокот на капитална добивка, кој стартуваше од годинава, и тоа не само во сегментот на хартии од вредност туку и во сегментот на удели во инвестициски фондови, ги покажа негативните ефекти од почетокот на годинава, вели во интервју за „Блумберг Адриjа“ Лазе Камчев, главен извршен директор на „Генерали инвестментс“.
„Имаме подвоеност на инвестициски класи бидејќи депозитите и вложувањето во обврзници не се предмет на оданочување, додека тргувањето со хартии од вредност и вложувањето удели во инвестициски фондови за трансакции во период пократок од две години се предмет на оданочување, што значи дека немаме ист третман“, вели Камчев
Големите производители на храна треба да бидат следната цел на ЕСГ
Колку диетална кока-кола е премногу? А ако продадете премногу, дали треба да добиете ЕСГ деградација или да имате некаков надоместок за здравје? Можеби нутритивен кредит? Тоа би било купено, да речеме, од Националната здравствена служба (The National Health Service) во Британија или од групи за здравствена едукација за цревата. Не е толку смешно како што звучи, особено ако сте голема компанија која бара врвен ЕСГ (Еколошко, социјално и корпоративно управување - Environmental, Social and Corporate Management) рејтинг.
Овие денови можете да ги ублажите сите видови на неволји што ги предизвикувате во општеството со заштедување на дел од вашиот профит за поени за добар имиџ: авиокомпаниите можат да купуваат кредити за јаглерод; градежниците можат да користат кредити за биодиверзитет за да ја надоместат штетата врз шумите и мочуриштата. Па зошто да не и нутритивен кредит?