Народната банка веќе 13 пати ја зголеми стапката на основната камата, со што, како и речиси сите централни банки, се обидуваше да ја намали високата инфлација. Мерката требаше да ја намали потрошувачката, да ја намали достапноста до кредити и, секако, да го зголеми штедењето поради зголемувањето на атрактивноста на каматите. Во вториот квартал од оваа година резултатите од рестриктивните монетарни политики станаа повидливи. Ова е една од петте вести што треба да ги знаете на почетокот на овој ден.
Депозитите во банките се зголемија за 900 милиони евра
Во овој период забрза растот на депозитите, а поумерено забави кредитирањето на ниво од 6,5 отсто (проекцијата за растот на кредитите до крајот на годината изнесува 5,7 отсто).
Вкупните депозити во јуни стигнаа до 8,258 милијарди евра. Во однос на крајот на 2021 година, растот на депозитите изнесува нешто над 900 милиони евра. Најголем дел од оваа разлика, близу 890 милиони евра, е настанат по почетокот на кампањата на НБРМ за зголемување на референтната каматна стапка.
Курсот на еврото и инфлацијата
Во светлината на сегашниот, сега веќе повеќегодишен, инфлаторен бран, промената на девизниот курс имаше директен таканаречен „минлив“ (pass through) ефект врз инфлацијата.
Кога вредноста на еврото се намалува во однос на доларот, се зголемува цената на производот или суровината што се увезува од земјите што го користат доларот во размената, а со тоа се зголемуваат продажните цени, со што се врши притисок врз инфлацијата. На оваа тема пишува Марина Петров, виша аналитичарка за макроекономија и пазари на капитал во „Блумберг Адрија“.
Цените на суровините ќе се намалуваат
Суровините се на пат за понатамошен пад во втората половина од оваа година, во услови на намален економски раст во Кина и намалувањето на понудата на пари во САД. Во меѓувреме, земаат замав производителите на нафтени шкрилци во САД, а цената на оризот продолжува да расте.
Индексот на стоки на „Блумберг“ - кој ги следи фјучерсите за сè, од нафта до бакар и пченица, значително се зголеми заедно со невидениот пораст на понудата на пари во САД до врвот што беше постигнат во 2022 година, а кој сега се намалува.
Во неделата што почнува ќе ги следиме случувањата на пазарите на суровини.
Словенија - целата градежна оператива во погодените подрачја
Ситуацијата по најголемата елементарна непогода во Словенија сè уште не е смирена, но онаму каде што водата се повлекла, открила какви големи штети остава зад себе. Не само зградите, уништен е и голем дел од инфраструктурата, целосно исчезнаа многу мостови и патишта. Целата градежна механизација и сите расположливи градежни и инженерски екипи ќе бидат насочени или прераспоредени во областите погодени од природната катастрофа.
Сето ова секако негативно ќе се одрази на работењето на осигурителните компании годинава, а од Агенцијата за супервизија на осигурувањето не очекуваат како резултат на тоа да им се влоши капиталната сила. И покрај тоа, поплавите однесоа дел од вредноста на осигурителните компании „Триглав“ и „Сава“.
Намален дотокот на нафта до Германија
Полска ја прекина испораката на нафта преку дел од западниот дел на нафтоводот „Дружба“, кој испраќа сурова нафта во Германија, откако беше откриено истекување доцна во саботата, објави полскиот оператор на нафтоводот ПЕРН.
Испораките беа запрени преку една од двете линии. Во исто време, другите капацитети на компанијата, вклучувајќи го делот Померанец што се користи за транспорт на нафта во Германија што пристигнува со танкери, функционираа нормално.