Царинската управа запленила 184 обврзници во вредност од 92 милиона долари. Турски државјанин што пристигнал со редовен лет од Истанбул на скопскиот аеродром, се обидел да мине низ зелениот канал односно да не каже дека има стока за пријавување.
Во глобални рамки постои тренд на злоупотреба на обврзници како инструмент за перење пари. Кај нас случајот ќе продолжи да се истражува, во насока на докажување евентуален обид за такво сценарио. Добро утро! Ова се пет вести што треба да ги знаете денеска.
Во октомври ќе се плаќа данокот на солидарност
Октомври годинава е времето кога големите компании ќе ѝ платат на државата данок на екстра-профит или т.н. данок на солидарност.
Данокот ќе го плаќаат сите компании со вкупен приход поголем од десет милиони евра што оствариле добивка поголема од просечната добивка во законски утврдените претходни периоди, зголемена за 20 отсто.
Нашата анализа укажува дека предлог-текстот што Владата во јули по вторпат го достави до Собранието, но овој пат со европско знаменце, се разликува од претходно по тоа што им нуди две опции на компаниите за плаќање на данокот. Тие ќе треба да си ја одберат поповолната.
Цените на нафтата се ризик во борбата со инфлацијата
Рано е за прогласување победа врз инфлацијата, бидејќи сè уште постојат ризици за нови ценовни шокови.
„Цените на суровините и геополитичките случувања сè уште се неизвесни“, вели во интервју за „Блумберг Адрија“, Бојан Цветановски, претседател на здружението на финансиски пазари „АЦИ Македонија“.
„Војната во Украина не го намалува интензитетот. Напротив, гледаме дека имаме употреба на сè посилни оружја и стратегиски рекомпонирања на теренот, што значи дека има ризик од зголемување на интензитетот и одење кон некое следно ниво на воените дејства, што може да предизвика раст на цените на суровините, храната и енергентите на светско ниво“, посочи Цветановски.
Новиот данок во Италија збриша 10 милијарди евра од вредноста на банките
Вредноста на акциите на италијанските банки падна во вторникот, по ненадејната најава за нов данок на добивка, со што беа збришани речиси десет милијарди евра од нивната заедничка пазарна вредност.
Новата давачка е дел од големиот пакет владини мерки што опфаќаат сè, од лиценци за такси-превоз до странски инвестиции. Данокот може да ѝ донесе повеќе од две милијарди евра на државата, пишува агенцијата „Анса“.
Врвот на италијанската влада се согласи за „повлекување на 40 отсто од дополнителниот профит на банките од повеќе милијарди долари“ во 2023 година, со што ќе се финансираат даночни намалувања и станбени кредити за оние што купуваат недвижен имот за првпат, рече вицепремиерот Матео Салвини на прес-конференција во Рим.
Исцрпеноста од работа се враќа на голема врата
Поминаа 50 години откако терминот за исцрпеност од работа (анг. burnout) влезе во корпоративниот лексикон кога Херберт Фројденбергер, њујоршки психолог, прв го идентификува.
Многумина се надеваа дека ја надминавме оваа појава, но, наместо тоа, исцрпеноста се враќа, и тоа со одмазда. Неодамнешните податоци од „Делојт“ (Deloitte) и истражувачката компанија „Воркплејс интелиџенс“ (Workplace Intelligence) наведуваат дека околу половина од работниците велат дека се исцрпени или под стрес, а 60 отсто од вработените велат дека би размислиле за промена на работното место за да си овозможат подобра благосостојба.
Претпоставката дека сегашните корпоративни програми за благосостојба се доволни е ставена на сериозен тест.
Хрватските банки незаконски наплатувале провизии, следуваат тужби?
Уставниот суд во Хрватска донел пресуда дека банките не смеат да склучуваат договори и да наплатуваат т.н. излезни такси за предвремена отплата на кредитите и дека таквите провизии мора да им се вратат на потрошувачите, стои во соопштението на здружението „Франак“.
Од здружението наведуваат дека Уставниот суд на 13 јули одлучил по пет уставни тужби што „Привердна банка Загреб“ и „Адико банка“ ги испратиле до судот, а во врска со преиспитување на одлуките на Врховниот суд на Хрватска.
Уставниот суд со заедничка пресуда ги отфрлил тужбите, каде што не е важно дали банките договориле точен процент од преостанатата главнина или договориле надоместокот да се наплатува според тарифата на банката.