Лек наменет за слабеење го намалува ризикот од појава на мозочен и срцев удар. Во внимателно следена студија лекот „вегови“ (Wegovy) на „Нордиск“ покажа дека за 20 отсто ги намалува срцевите проблеми. Истата компанија го произведува лекот за дијабетес „оземпик“ (Ozempic), кој го привлече вниманието на јавноста затоа што луѓето го користат за слабеење. И во Македонија го има лекот „оземпик“, но наместо дијабетичари, го земаат лица што сакаат да ослабат. Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот.
Лекови за дијабетес што ги има и во Македонија ја вивнаа фармацевтската индустрија
Основната активна состојка на лекот за дијабетес „оземпик“ ја има и во лекот за слабеење „вегови“. На македонскиот пазар е достапен лекот за дијабетес, кој чини 5.000 денари и често се случува да го снема во аптеките. По објавената студија дека лекот за слабеење на данскиот фармацевтски гигант „Ново Нордиск“ е успешен, компаниите за производство на луксузни производи и на лекови за слабеење се најврeдни во Европа во последните два дена.
Компанија го надмина данскиот БДП поради фамата по лек за слабеење
Акциите на компанијата „Ново Нордиск“ се вивнаа на берзите по објавата за успешноста на лекот за слабеење. Добивката ја катапултира пазарната капитализација над 423 милијарди долари, повеќе од бруто-домашниот производ на Данска во 2022 година, и значи дека „Ново Нордиск“ е сериозен претендент за титулата највредна европска компанија.
Е.ОН: Можно е енергијата да поскапи зимава
Eнергетскиот пазар во Европа сè уште е изложен на ризик од раст на цените зимава, објави Е.ОН СЕ, една од најголемите европски енергетски компании, повикувајќи ги домаќинствата и деловните субјекти да продолжат да штедат гас и енергија. Значително зголемување на цените може да има доколку непланираниот недостиг од снабдување се совпадне со студеното време во текот на зимата.
Италија појасни дека новиот данок нема да надмине 0,1 отсто од активата на банката
Ден по објавата на италијанската влада дека ќе се воведува данок на екстра-профит за банките, од Министерството за финансии појаснија дека новиот данок нема да надмине 0,1 отсто од активата на банката. Данокот е насочен кон високите каматни приходи на банките, генерирани откако Европската централна банка ги зголеми референтните стапки. Новиот данок ќе помогне да се намали финансискиот притисок врз семејствата и бизнисите, најави владата.
Финансискиот директор на „Тесла“ си оди од фирмата со 590 милиони долари
Захари Кирхорн, кој во понеделникот се повлече од функцијата главен финансиски директор на „Тесла“, создал богатство од 590 милиони долари за време на својот четиригодишен мандат на оваа позиција, покажуваат податоците на „Блумберг“. Неговиот имот претежно се состои од акции на „Тесла“, кои ги добил како компензација.