Запре намалувањето на инфлацијата во еврозоната во август и според прелиминарните податоци на Еуростат таа изнесува 5,3 проценти односно е на исто ниво како во јули. Словачка имала највисок годишен раст на цените во еврозоната во август од 9,6 отсто, а веднаш по неа е Хрватска со 8,5 отсто додека Белгија и Шпанија имаат најниска годишна инфлација од 2,4 отсто. Овие податоци укажуваат дека инфлацијата останува тврдоглава, што може да и послужи на ЕЦБ повторно да ја заостри монетарната политика.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Прогнози: Битката со ифлацијата ќе трае уште две години
Пред да стане целосно јасно дека стапката на инфлација и натаму е над пет отсто, Избел Шнабел, член на извршниот одбор на ЕЦБ рече дека шофершајбната на централната банка е заматена и дека ќе бидат потребни рестриктивни стапки за да се скротат потрошувачките цени. Следниот состанок на банката е за две недели.
Навестување за тоа дека инфлацијата не забавува беа прелиминарните податоци од четирите најголеми европски економии. Во Германија забавувањето во август не е според плановите, во Шпанија и Франција стапката се зголеми, намалување бележи само Италија.
Директни инвестиции од 275 милиони евра во Македонија за шест месеци
Во текот на вториот квартал од 2023 година, вкупните директни инвестиции во Македонија бележат нето-приливи од 133,2 милиони евра, покажуваат новите податоци на Народната банка. Тоа е резултат на зголемените инвестиции во сопственичкиот капитал (68,4 милион евра) и реинвестирање на добивката (66,1 милион евра), додека кај меѓукомпанискиот долг се остварени нето-одливи (од 1,3 милиони евра).
Вкупните директни инвестиции во Македонија во првото полугодие од 2023 година изнесуваат 275 милиони евра, што е благо намалување во однос на истиот период претходната година кога во земјава биле инвестирани 296 милиони евра.
Андреја Јосифовски повторно ја зголеми сопственоста во „Макпетрол“
Претседателот на Управниот одбор на „Макпетрол“, Андреја Јосифовски се стекна со 135 обични акции од компанијата, соопштија од македонскиот нафтен гигант преку Македонската берза. Ова е втор пат во рок од четириесетина дена Јосифовски да купува акции од компанијата. „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека првиот човек на „Макпетрол“ во јули годинава исто така купи 135 акции од компанијата.
Според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност, акционери кои поседуваат над пет проценти од акциите во „Макпетрол“ се командитното друштво „Оилко“ кое поседува 22,87 проценти од обичните акции издадени од компанијата и „Макпетрол“ која поседува 10 проценти од акциите. Инаку, Јосифовски фигурира како еден од поголемите акционери во „Оилко“ каде што поседува 14,98 проценти од акциите.
Значителен раст на каматите на кредитите од македонските банки
Во јули 2023 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,49 проценти, што претставува месечен и годишен раст од 0,37 п.п. и 1,16 п.п., соодветно, соопшти Народната банка. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 1,50 проценти и е зголемена за 0,10 п.п. на месечна основа, при годишен раст од 0,83 п.п.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во јули забележа месечен и годишен раст од 0,31 п.п. и 1,56 п.п., соодветно и изнесува 5,57 проценти. Просечната каматна стапка на новопримените депозити изнесува 2,21 проценти и е намалена за 0,49 п.п. на месечна основа, додека на годишна основа бележи зголемување за 1,37 п.п.
X планира да собира биометриски податоци од корисниците
Социјалната мрежа X, порано позната како Твитер, ја ажурираше својата политика за приватност за да вклучи нов вид кориснички податоци што планира да ги собере - биометриски. „Врз основа на вашата согласност, може да ги собираме и користиме вашите биометриски информации за безбедност и идентификација“, се наведува во новата политика на компанијата.
X не дефинира што смета за биометриско, иако други компании го користеа терминот за да опишат податоци собрани од лицето, очите и отпечатоците од прсти на една личност. Претставник на X со седиште во Сан Франциско ја потврди новата промена на политиката, но не даде повеќе детали.