Проблемите на најголемата европска економија би можеле да бидат од подолгорочна природа. Економистите проценуваат во тековниот квартал економската активност во Германија повторно да се намали. Месечното истражување на „Блумберг“ со економистите покажува дека бруто-домашниот производ сега се очекува да се намали за 0,1 отсто од јули до септември, со прогноза за намалување и за последниот квартал од годината, пишува „Блумберг“. Првично, економистите предвидуваа стагнација за тековниот квартал.
Добро утро, подолу петте вести за почеток на денот.
Набавната цена на горивата е за над 50 отсто пониска од продажната
Првпат во текот на една година цената на суровата нафта на светските берзи минатата недела надмина 90 долари за барел. Во четвртокот и петокот повторно се врати под границата, но и натаму е повисока споредено со претходните месеци.
Растот е поттикнат од одлуката на Саудиска Арабија и Русија да ги продолжат ограничувањата на производство и извоз. Според едни аналитичари, ова е моментален тренд и слабата побарувачка ќе влијае за пад на цените, други пак сметаат дека зголемувањето на патувањата во Кина ќе предизвика раст на цените до околу 100 долари за барел.
Четворица милијардери од Блискиот Исток ведрат и облачат со светските инвестиции
Блискиот Исток е дом на некои од најголемите државни фондови во светот. Надгледувајќи имот вреден речиси три билиони долари, овие инвестициски гиганти станаа клучни играчи во глобалниот бизнис. Полни со пари заработени од минатогодишниот бум на трговијата со стока, фондовите како Инвестициската управа на Абу Даби и Саудискиот јавен инвестициски фонд за јавни вложувања не штедеа.
Тие вшприцаа милијарди долари во многу сектори, од технологија и финансии до спорт, и инвестираа низ целиот свет, од Австралија до Канада. Тоа ги привлече врвните експерти во глобалните финансии, од Реј Дали до Рајев Мисра, кои тесно соработуваат со влијателните раководители на тие фондови.
Парите и бирократијата ја кочат зелената транзиција, технологиите не се проблем
Ограничувањата во електроенергетските мрежи, сè уште високите трошоци на зелената технологија и доцнењето во планирањето на проектите спречуваат инвестиции во вредност од 18 билиони американски долари на глобално ниво за да се исполнат климатските цели поставени до 2030 година. Сето тоа ја прави помалку веројатна и нереална ветената брза енергетска транзиција.
Со цел да се ограничи глобалното затоплување на 1,5 степен над прединдустриските нивоа, развојот на обновливите извори на енергија и електроцентралите со ниска содржина на јаглерод треба да биде трипати побрз од претходно, се наведува во извештајот подготвен од „Бостон консалтинг груп“ (БЦГ).
Нова агенција ќе се грижи за сајбер-безбедноста во Македонија
Министерството за информатичко општество и администрација подготвува предлог- закон за безбедност на мрежи и информациски системи во кој се предвидуваат повеќе новини во областа на сајбер-безбедноста во Македонија.
На Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) веќе е објавена нацрт-верзија на предлог-законот. Во новата регулатива, меѓудругото, се предвидува изработка на План за дигитална трансформација на јавниот сектор во Македонија и на Национална стратегија за сајбер безбедност. Во иднина би требало да се формира надлежно тело односно Агенција за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација на јавниот сектор, како и национално тело за одговор на компјутерски инциденти.
Г-20 ја забрза имплементацијата на меѓународната рамка за крипто средства
Претставниците на дваесетте најголеми економски сили во светот (Г20) ја забрзуваат имплементацијата на идејата за прекугранична регулација и систематизација на тргувањето со крипто средства. Третина од светското население се вбројува меѓу земјите-членки на Г20, а оваа претстојна рамка директно ќе се однесува на Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка , Турција, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
На неодамна завршениот дводневен самит во Њу Делхи, на кој се сретнаа претставниците на светските сили, беше истакната рамката за крипто-средства „КАРФ“ (CARF), која треба да ја олесни размената на информации меѓу земјите, почнувајќи од 2027 година.