Постојат ли услови за намалување на цената на становите? Градежниците одговараат со категорично не, пазарната логика спротивно, а во реалноста слабо паѓа побарувачката на недвижности и растат каматите на станбените кредити што постепено и умерено ја стабилизира цената на недвижностите. Еве што треба да знаете за почетокот на овој ден.
Каде во овој регион се највисоки каматите
Според податоците на централните банки, убедливо највисока просечна камата на новодоговорените станбени кредити има во Србија, која во јули годинава достигна 6,72 проценти. Втора на листата е Македонија, каде што просечната камата на новите станбени кредити во јуни годинава изнесувала 6,03 проценти.
Следна на листата е Словенија, со просечна камата на новите станбени кредити од 4,45 проценти во јуни годинава. За Босна и Херцеговина нема податоци за просечната камата на новите станбени кредити, а вкупниот просек за веќе издадените и за новите кредити во јули изнесувала 3,8 проценти.
Убедливо најниска просечна камата за новите станбени кредити има во Хрватска, каде што во јули годинава изнесувала 3,25 проценти.
Забавува растот кај станбените кредити во земјава
Од друга страна Народната банка регистрира позначително забавување на кредитниот раст кај станбените кредити. Ова, како што вели вицегувернерката Ана Митреска, е резултат на повеќе фактори, меѓу кои помалата побарувачка, малиот раст на каматните стапки за овие кредити и намалената понуда на пазарот.
Според Митреска, која гостуваше на телевизијата „Блумберг Адрија“ , умерено влијание врз забавувањето имаат и донесените макропрудентни мерки, кои се во насока на поставување прагови во однос на квалитетот на кредитната побарувачка.
„Ако во 2021 година станбените кредити растеа со стапка од над 16 отсто, сега стапката на раст забавува на околу 10,8 отсто, но и самиот нивен придонес во растот на вкупните кредити на населението се намалува“, вели Митреска.
Анкетиравме: Граѓаните не сакаат да купат стан по овие цени
А, граѓаните „бегаат“ од купување стан. Анкетата на македонската редакција „Блумберг Адрија“ која ја спроведовме на социјалната мрежа „Линкдин“ во текот на минатата недела, покажа дека 74 отсто од граѓаните не би купиле стан во моментов. Причината е едноставна, цената на метар квадратен е превисока.
Според нашата анкета, 10 отсто од испитаниците би купиле стан затоа што веруваат дека цените можат дополнително да се зголемат. За 16 отсто од лицата кои учествувале во анкетата купувањето е опција само ако е крајно неопходно.
Слабиот интерес за купување стан не придонесува за пад на цените. Според огласите, метар квадратен во новоградба во центарот на Скопје, вселива дури до крајот на идната година, чини околу 1.900 евра.
Недостигот од лекови - жешка тема
Проблемот со недостигот од лекови е многу дискутирана тема во фармацевтските кругови. Дали навистина имаме проблем со недостиг од лекови, колку е изразен овој проблем и што се прави околу него е тема која ја анализира нашиот аналитички тим.
Фармацевтската индустрија е зависна од активни фармацевтски супстанции чие производство е концентрирано на кинескиот и индискиот пазар. Продолжените и строги мерки против ковид-19 во Кина влијаеја врз производството на производителите на фармацевтски супстанции и доведоа до тешкотии во набавката.
Дополнително, компаниите од сите индустрии, вклучувајќи ги и фармацевтските, се соочија со зголемени цени за транспорт (океански, воздушен и патнички), енергија и работна сила.
Деловната клима во Германија се влошува четврти месец по ред
Деловните изгледи на Германија малку се подобрија во септември, но останаа на историски ниски нивоа бидејќи економијата се соочува со нова контракција во овој квартал.
Мерачот на очекувањата на институтот „Ифо“ (Ifo) се искачи на 82,9 од 82,7 во август - нешто полошо отколку што проценија економистите во анкетата на „Блумберг“.
Откако претрпе рецесија во шесте месеци до март и стагнираше во вториот квартал, германската економија веројатно повторно се намалува бидејќи слабата глобална побарувачка, инфлацијата и повисоките каматни стапки ги натежнуваат компаниите и домаќинствата. Тоа ја прави Германија единствената голема земја од еврозоната за чие производство се прогнозира да се намали оваа година.