Исланд се врти кон даноците за да го намали влијанието што го има големиот раст на туризмот врз неговата недопрена природа, рече премиерката Катрин Јакобсдотир. Островот, кој себеси се нарекува земја на огнот и мразот, привлекува патници што одат да видат текови на лава, топли извори, гејзири и водопади. Исто така земјата има фреквентен воздушен сообраќај поради нејзината стратегиска локација во Северниот Атлантик помеѓу Европа и Северна Америка.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Владата се задолжува за пат што требаше да биде готов пред две години
Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ се закани дека ќе го блокира патот што води до граничниот премин Меџитлија со Грција. Причина за револтот е што патот долго време се реконструира и е необележан, нема сигнализација, што значи дека е опасен. На овој патен правец често има несреќи, а неодамна работник на фабриката го загуби животот.
Германскиот инвеститор понуди и помош за државата побрзо да го заврши проектот што го користат нивните над 5.200 вработени од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и околните села.
Оваа делница долга 12,5 километри е дел од државниот пат А3. Изградбата е во завршна фаза односно во тек е асфалтирање, по што ќе бидат поставени банкините, па ќе биде поставена и сигнализацијата.
Можно присоединување на „Стопанска банка - Битола“ кон „Комерцијална банка“
„Комерцијална банка“ АД Скопје ја разгледува можноста за присоединување на „Стопанска банка“ АД Битола, поради што ќе биде остварен контакт меѓу раководствата за првична размена на информации, соопштија од двете банки преку Македонската берза.
„Во оваа рана фаза постапката не претставува намера за присоединување и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер, освен да го изрази првичниот интерес во рамките на претходна постапка да се стекнат информации врз чија основа би се дефинирала евентуална намера за присоединување во иднина“, се наведува во соопштението.
Во него се додава дека вистинската длабинска анализа ќе биде спроведена по усвојувањето на завршните сметки за 2023 година на двете банки на нивните собранија во 2024 година.
Макрон ја турка Европа во борба со Кина
Новиот, построг пристап на Европската Унија кон Кина е поттикнат од француската загриженост дека трговските практики на Пекинг почнаа да претставуваат критична закана за клучните индустрии.
Официјални лица, кои побараа да останат анонимни, потсетија на дебаклот на соларната индустрија пред една деценија, кога евтиниот увоз од Кина го уништи европското производство. Еден од изворите рече дека европската автомобилска индустрија потенцијално би можела да биде ранлива на ист таков начин, така што ЕУ се соочува со бинарен избор: или да ја потврди својата моќ или да ѝ се поклони на Кина.
Извозот на „Тесла“ од Кина е во центарот на истрагата на ЕУ
Еден производител на автомобили доминира во истрагата за електрични возила што влегуваат во Европската Унија од Кина, а тоа е „Тесла“ (Tesla Inc). За време на собирањето докази што доведоа до ненадејното објавување на истрагата на ЕУ за субвенции за кинески електрични возила, овој месец, американскиот производител на автомобили беше меѓу компаниите под лупа.
Целта на истрагата ќе биде да се утврди дали Кина ја субвенционирала „Тесла“ и домашните производители како БЈД, „Саик мотор“ и „Нио“ и да се преземат сите неопходни контрамерки за да се изедначат условите за игра во индустријата во ЕУ.
Светска банка: Економската инклузија на ЛГБТИ ќе го зголеми македонското БДП
Светската банка соопшти дека политиките насочени кон зајакнување на социјалното вклучување на лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците, трансродовите и интерсексуалните (ЛГБТИ) луѓе би можеле да помогнат во градењето поправедни и рамноправни општества и да имаат корист за економиите на Северна Македонија и Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
Годишниот бруто-домашен производ (БДП) на двете земји би се зголемил во просек за 0,6 отсто, или вкупно 360 милиони американски долари, според студијата на Светската банка, „доколку се намалат бариерите за влез на пазарот на трудот за ЛГБТИ луѓето што се соочуваат со дискриминација поради сексуална ориентација, родов идентитет и изразување и родови карактеристики“.