Истрагата за истекувањето од подводниот гасовод меѓу Финска и Естонија се одвива под претпоставка дека тоа е намерно предизвикано, според извори запознаени со ова прашање.
Сепак засега нема конечни заклучоци, велат упатените. Се очекува официјалните лица да дадат повеќе детали за истрагата подоцна во вторник. Цените на европскиот гас пораснаа за цели 10 отсто.
„Невообичаениот“ пад на притисокот во гасоводот ги натера операторите да го запрат протокот рано во неделата, при што соседните земји започнаа инспекција.
Русија го прекина снабдувањето со гас за Финска во мај 2022 година, околу една недела откако нордиската земја соопшти дека ќе поднесе барање за членство во НАТО како одговор на војната што Русија ја започна во Украина. Финска исто така одби да плати за гас во рубли, а подоцна одлучи целосно да престане да купува руско гориво. Финска сега му се приклучи на одбранбениот сојуз.
Протекувањето на интерконекторот за гас ја заживеа загриженоста за ранливоста на подморската инфраструктура по експлозиите што се случија во околниот гасовод Северен тек од Русија до Германија минатата година.
Откако се случија тие напади, членките на НАТО го зголемија мониторингот користејќи сателити, авиони, бродови и подморници, при што инфраструктурата во Северно и Балтичко Море се смета за најчувствителна.
Гасоводот „Балтик конектор“ (Balticconnector) беше пуштен во употреба пред нешто повеќе од три години.
Додека балтичките земји и Финска ја намалија зависноста од рускиот гас дури и пред да го прекинат увозот од нивниот источен сосед, тие сè повеќе зависат од течен природен гас, првенствено од САД. Интерконекторот го поврза новиот терминал за увоз на ЛНГ во Финска со Естонија, а слични пловечки терминали беа поставени низ Европа во текот на изминатата година, вклучувајќи и во Германија.