Следниот месец „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) ќе почне да ги прави функциите за вештачка интелигенција (ВИ) во својот пакет Офис (Office) широкодостапни за корпоративните клиенти. Набрзо потоа, ова ќе ја вклучува можноста ВИ да ја чита вашата електронска пошта, да го научи вашиот стил на пишување и да составува пораки во ваше име.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Како ќе се движат цените на гасот во текот на зимата?
По бурниот период на многу нестабилни и високи цени на природниот гас, цената на гасот на холандската берза во последните месеци се стабилизира на просечно ниво од 40 евра за мегават-час. Иако цената на гасот е намалена, денешната цена е далеку над онаа на која беа навикнати Европејците, дури четири пати повисока отколку во 2019 година, што создаде притисок Европската Унија да се сврти повеќе кон обновливи извори на енергија, како и кон алтернативни патишта за снабдување со гас, најчесто преку ЛНГ-терминали.
Природниот гас учествува во 25 отсто во вкупната потрошувачка на енергенти во ЕУ, од кои 55 отсто се користат за греење станбени објекти, а остатокот за индустријата. Со оглед на тоа што 90 отсто од гасот се увезува, а 40 отсто од вкупниот увоз го обезбедува Русија, ЕУ позначајно се сврте кон увоз на ЛНГ од САД и Катар. Во моментов учеството на ЛНГ во вкупната потрошувачка на гас во ЕУ е 40 отсто.
Неискористени можности за развој на онлајн супермаркетите
Еден од водечките инвестициски фондови во Југоисточна Европа, „Илевн венчрс“ одлучи да вложи 300 илјади евра за малцински удел во компанијата „Пакет.мк“. Тоа е револуционерен потег за нашата компанија, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Драган Јосифовски, коосновач на „Пакет.мк“.
Јосифовски посочува дека постојат многу неискористени можности за развој на онлајн пазарот за намирници во регионот, но постојат и тешкотии на Балканот.
„Тешкотиите се исти како и за другите компании што работат со трговијата воопшто. Станува збор за исклучително неразвиен пазар, за неразвиени потрошувачки навики, за некои непазарни тешкотии што постојат. Но исто така ниската доверба на купувачите кон новитети, иновации и слични работи што веќе се секојдневие во развиените пазари“, вели Јосифовски.
Владата со нов закон сака да го ограничи рабатот на ланците супермаркети
Со нов предлог-закон за забрана на нефер трговски практики Владата предвидува ограничување на рабатот што го наплаќаат супермаркетите од производителите и добавувачите до максимум десет проценти на годишно ниво. Тоа, како што изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, ќе ги снижи цените на земјоделските и прехранбените производи, но и ќе влијае врз подобрување на нивниот квалитет.
Во предлог-законот се содржани околу 26 нефер трговски практики, а за прилагодување на компаниите кон понудените решенија е одреден рок од шест месеци. За непочитување на законските одредби засега се предвидени глоби до 20.000 евра. Но, и во однос на овој дел од предлог-текстот ќе се разговара. Бизнис заедницата има можност да достави забелешки најдоцна до 25 октомври.
Холцман: ЕЦБ тешко ќе ја постигне целта за инфлација од два отсто
Не постои лесен начин инфлацијата во еврозоната да се врати на целта од два отсто според членот на Управниот совет на Европската централна банка, Роберт Холцман.
„Пазарот на трудот и климатските промени се два главни сегашни и идни двигатели за нас, што ќе направи многу, многу тешко да се вратиме на два отсто или ако не се случи тоа, тогаш рецесијата ќе оди подалеку од она што го замислуваме во моментов“, рече Холцман. „Се надевам дека нема да се случи тоа, но во моментов не гледам механизми за да се избегнат овие ценовни притисоци и оттука и капацитетите брзо да се придвижат до два отсто“.
X на Маск ги отфрла обвинувањата за дезинформации за војната во Израел
Од платформата Х на Илон Маск соопштија дека етикетирале десетици илјади објави, вклучително и „нелегална“ содржина од избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, одговарајќи на предупредувањата да се спречи ширењето на лажни вести околу конфликтот.
Главната извршна директорка Линда Јакарино го објави својот официјален одговор откако европскиот комесар Тиери Бретон ги повика сопствениците на социјалните мрежи да ги смират дезинформациите. Тој рече дека на платформата X, порано позната како Твитер, е хостирана нелегална содржина и го повика Маск да преземе брза акција.
Х собрал посветена група за да ја процени ситуацијата и отстранил стотици сметки поврзани со Хамас, рече Јакарино во одговорот на четири страници до комесарот.