Јапонскиот огранок на религиозна група основана во Јужна Кореја потврди дека мајката на лицето обвинето за убиство на поранешниот премиер Шинзо Абе, е нивна членка, како што тврди и самиот атентатор.
Семејната федерација за светски мир и обединување (The Family Federation for World Peace and Unification), порано позната како Црква на обединување, одржала брифинг за избрани јапонски новински организации во понеделникот, според член на персоналот за односи со јавноста кој побарал да остане анонимен.
На брифингот, шефот на организацијата потврдил дека мајката на човекот обвинет за убиството на Абе, Тецуја Јамагами, била членка уште од 90-тите години на минатиот век и присуствувала на настани еднаш месечно, објави во понеделникот јапонската телевизија FNN. Службеникот, кој не е идентификуван, одбил да коментира за донациите и рекол дека Абе придонел за настани организирани од поврзана организација, се вели во извештајот.
Прочитај повеќе
Шинзо Абе почина по атентатот
67-годишниот Абе беше застрелан двапати од зад грб од далечина од околу три метри
08.07.2022
Одделно, претставник на организацијата во Сеул телефонски изјави дека самиот Абе не бил член. Американскиот огранок на групата издаде соопштение во кое го осудува нападот и вели: „Нема место за оружје во рамки на нашите религиозни уверувања или практики“.
Абе, порашешниот јапонски премиер со најдолг стаж на оваа функција, беше смртно застрелан додека беше на кампања во западниот град Нара во петокот. Неговата смрт предизвика шок и неверување во земјата каде што насилството со огнено оружје е ретко и предизвика излив на сочувство од целиот свет.
Тамошните медиуми пренесоа информации според кои осомничениот обвинил неодредена религиозна група за финансиски проблеми на неговото семејство, откако неговата мајка станала членка и направила големи донации, што резултирало со тоа да банкротира.
41-годишникот сакал да убие висок член на групата, но го таргетирал Абе бидејќи верувал оти поранешниот лидер имал блиски врски со оваа група, пренесоа медиумите. Атентаторот негирал каква било политичка мотивација за убиството, соопштија од јавната телевизија NHK и други медиуми, повикувајќи се на извештаи од полицијата.
Основана во Јужна Кореја од Сун Мјунг-мун во мај 1954 година, религиозната организација има гранки во повеќе држави, вклучително и Јапонија и САД. Мун, кој изјави дека тој и неговата сопруга се месии, беше во центарот на контроверзии и осуден за затајување данок во САД уште во 80-тите.
Црквата е позната по организирање договорени бракови и одржување масовни свадбени церемонии. Групата на својата веб-страница вели дека е соодветно регистрирана верска непрофитна организација и дека е фокусирана на создавање светски мир преку семејството: училиштето на љубовта.
Инаку, излезните анкети во Јапонија покажуваат дека коалициската влада на починатиот Шинзо Абе најверојатно ќе освои мнозинство од местата во Горниот дом на изборите за кои тој говореше на митингот, а се одржаа во неделата.