Апетитите за електрична енергија растат, проблем е како истите тие да се задоволат. Почнува трката на земјите за обезбедување доволно количество струја, нуклеарните централи се пуштени на најјако, во време кога најгласно се зборува за намалување на емисиите на штетни гасови во воздухот.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот.
Ќе се вртиме ли кон нуклеарни централи и каде се Македонија и регионот?
Употребата на нуклеарни постројки за производство на струја расте во последните децении. Според податоците на Меѓународната организација за атомска енергија, лани во нив биле произведени околу 10 отсто од вкупните количества електрична и топлинска енергија во 32 земји.
Македонија нема услови за изградба на таков објект, но своевремено постоеше иницијатива за приклучување кон бугарскиот за изградба на централата Белене. Кога тој проект се изјалови, македонската влада се сврте кон терминалот за гас во Грција, кој треба да придонесе за диверзификација во снабдувањето на земјава со енергенти.
Струјниот удар ги вивна долговите на македонските компании
Вкупниот долг на корпоративниот сектор во Македонија на крајот на 2022 година изнесувал 565 милијарди денари, што е зголемување во однос на претходната година, кога долгот изнесувал 496 милијарди денари.
Задолженоста на корпоративниот сектор кон домашниот банкарски сектор втора година по ред расте забрзано, но учеството во БДП е релативно стабилно и во 2022 година изнесува 28 проценти. Поголем придонес кон растот на долгот кон банките и натаму имаат долгорочните кредити, иако во 2022 година зајакна и краткорочното кредитирање.
Германија и Велика Британија не гледаат враќање на руските енергенти
Дури и ако Русија ја заврши војната во Украина и дојде до промена на режимот во Москва, трговските односи меѓу Европа и нејзиниот поранешен најголем снабдувач со енергија нема да бидат обновени, велат германските и британските власти.
Mинатата година регионот воведе забрана за увоз на јаглен и нафта од источниот сосед. Испораките на природен гас исто така значително се намалија, при што гасоводот Северен тек првично беше затворен од Русија, а потоа оштетен во подморските експлозии. Русија сега придонесува со помалку од 10 отсто од енергетското снабдување на Европа, во споредба со повеќе од една третина пред војната.
Војната меѓу Израел и Хамас поттикнува страв и поделеност во Европа
Додека се очекуваат нови протести во европските престолнини, американскиот претседател Џо Бајден слета во Тел Авив во средата наутро во обид да ги спаси дипломатските напори во регионот. Во меѓувреме во Европа не помага тоа што 27-те лидери на Европската Унија не зборуваа во еден глас.
Ризикот од отуѓување цели заедници може дополнително да ја поткопа социјалната кохезија во ЕУ, која веќе се тестира со војната во Украина, порастот на популизмот и историската криза на трошоците за живот. Социјалните тензии се особено акутни во Германија, со оглед на нејзината понова историја на миграција и нејзината улога во холокаустот. Таа е исто така дом на една од најголемите палестински популации надвор од Блискиот Исток.
Амазон почна да испорачува лекови со дрон
Kомпанијата нуди бесплатна воздушна испорака на повеќе од 500 лека за пациентите запишани на тестот за испорака со дрон во Тексас. Кога групацијата „Прајм“ (Prime) на „Амазон“ ги анкетирала клиентите за да праша кои производи сакаат да ги добиваат на тој начин, лековите „биле на врвот на листата“.
Програмата за испорака на беспилотни летала на „Амазон“, која Џеф Безос ја најави во 2013 година, се соочи со технички предизвици, густ сообраќај и безбедносни проблеми. На повеќето места употребата на беспилотни летала останува ограничена на тесно пропишани тестови додека регулаторите донесуваат регулативи за да го ограничат ризикот за другите авиони и луѓето на теренот.