Претседателот на Федералните резерви (Фед), Џером Пауел, рече дека американската централна банка „продолжува внимателно“ да ги разгледува насоките за политиката и е подготвена повторно да ги зголеми каматните стапки доколку забележи дополнителни знаци на отпорен економски раст.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Каматите на Владата многу послатки од банкарските
Министерството за финансии на почетокот на ноември годинава ќе ја издаде втората емисија на двегодишни граѓански обврзници во износ од 600 милиони денари (безмалку 10 милиони евра) со каматна стапка од пет проценти.
Во пресрет на 31 Октомври, Денот на штедењето, анализираме дали Владата со поголема понуда на граѓански обврзници може повеќе да се потпре на македонските штедачи за финансирање на јавниот долг и да ја раситни депозитната база на банките, која со години континуирано се зголемува.
Светска Банка: Македонија ќе има најнизок економски раст во регионот
Економскиот раст на земјите од Западен Балкан во следната година се очекува умерено да забрза и да достигне три проценти во услови на континуирано закрепнување во Европската Унија, главниот трговски партнер на регионот.
Највисок раст, со стапка од 3,9 отсто се очекува следната година во Косово, во Албанија е проектиран на 3,2 отсто, како и во Црна Гора, во Србија од три отсто и во Босна и Херцеговина од 2,8 отсто. Најдолу на листата е Македонија со очекуван раст на бруто домашниот производ од 2,5 отсто.
Цени од 2.500 евра за квадратен метар во Скопје не се реални
Стапката на раст кај станбените кредити е позиционирана на околу 10,8 отсто, што е забавување со оглед на тоа што претходно растот изнесуваш околу 16 отсто. Сепак, колку тоа влијае на цените на недвижностите?
„Многу е тешко да се предвидат движењата на пазарот на недвижности затоа што сето тоа е поврзано со обемот на понудата и побарувачката, како и со многу други аспекти на живеењето, носењето детални урбанистички планови и нивното усвојување, овозможувањето градба, обемот на понудата што ќе се јави во одреден момент на пазарот и се разбира атрактивноста на локациите“, вели во интервју за „Блумберг Адрија“, Горан Марковски, декан на Градежниот факултет при УКИМ во Скопје.
„Нетфликс“ ги зголемува цените на некои пакети
„Нетфликс“ (Netflix Inc.) ги зголемува цените за некои клиенти во САД, Велика Британија и Франција. Одлуката доаѓа откако компанијата оствари најголем квартален раст на претплатници во последните години.
Најголемиот сервис во светот за платена стриминг програма објави дека бројот на претплатници се зголемил за 8,76 милиони во третиот квартал, што е далеку над прогнозите на аналитичарите и ја зголеми вкупната база на претплатници на 247,2 милиони. Според компанијата тоа се должи на силната програмска листа и на спречувањето да се споделуваат лозинки.
Македонски бренд продава уникатна облека од самохрани мајки
Жените што влегуваат во приватниот сектор најчесто го прават тоа постепено, помалку ризикуваат, па и помалку трпат штета, но постојат и такви што храбро чекорат напред, слободни и независни жени што не се плашат да ги земат работите комплетно во свои раце, претприемачки со интересни и возбудливи идеи.
Една таква моќна комплетно женска приказна е „Бестет ноар“ (Bastet Noir). Пред една деценија брендот започнал како прва онлајн продавница што ги поддржува балканските дизајнери што практикуваат еколошки начин на производство во време кога одржливата мода и онлајн трговијата се речиси непознати поими на овие простори.