Словенија од сабота воведува привремена гранична контрола на границата со Хрватска и Унгарија, која првично ќе трае до 30 октомври со можност за продолжување.
Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар во петокот потпиша решение за определување на граничните премини со Хрватска и Унгарија на кои ќе се дозволи преминување на државната граница при привремена контрола.
Како што соопшти словенечкото МВР, покрај на 12 гранични премини за меѓународен патен патнички и товарен сообраќај на границата со Хрватска и два на границата со Унгарија, лицата кои имаат право на слободно движење според законите на ЕУ границата ќе можат да ја преминат на уште 18 гранични премини. Станува збор за државјани на ЕУ, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Швајцарија и членови на нивните семејства, без разлика на државјанството, пишува Хина.
„Привременото повторно воведување на надзор на границата ќе се врши во координација и во соработка со полициите на Италија, Хрватска и Унгарија“, се вели во соопштението на словенечкиот МВР.
Гранични премини со Хрватска кои ќе служат за меѓународен патен и товарен сообраќај за сите кои ги исполнуваат условите се: Сечовље, Драгоња, Сочерга, Старод, Јелшане, Петрина, Метлика, Обрежје, Добовец, Грушковје, Заврч и Петишовци.
Премини за меѓународен железнички сообраќај се: Ракитовец, Илирска Бистрица, Метлика, Добова, Рогатец, Средишче об Драва и Лендава.