За 75 проценти од граѓаните во земјите од Европската унија примарен извор на вести е телевизијата, а особено за граѓаните постари од 55 години. Следни на листата се онлајн платформите за вести (43 проценти), радиото (39 проценти) и онлајн платформите и блоговите за социјални медиуми (26 проценти), покажува најновото истражување „Евробарометар“ што денеска го објави ЕУ.
Според резултатите, печатот е на петтото место со еден од пет испитаници (21 проценти) кои ги наведуваат весниците и списанијата како примарен извор на вести. Помладите испитаници од друга страна имаат многу поголема веројатност да користат платформи за социјални медиуми и блогови за пристап до вести (46 проценти од лицата на возраст од 15 до 24-години наспроти 15 проценти од лицата над 55-годишна возраст).
Иако традиционалните извори на вести, а особено телевизијата се важни, 88 проценти од испитаниците добиваат барем некои вести онлајн преку нивниот паметен телефон, компјутер или лаптоп. 43 проценти од испитаниците ја користат веб-страницата на изворот на вести (на пр. веб-страница на весник) за да пристапат до вести онлајн, а 31 проценти читаат написи или објави што се појавуваат на нивните социјални мрежи. Пристапот до објавите на вести преку нивните онлајн социјални мрежи е уште поважен за младите.
Најдоверливи медиумски извори
Граѓаните во земјите од ЕУ повеќе им веруваат на традиционалните радиодифузни и печатени медиуми, вклучително и нивното онлајн присуство, отколку на онлајн платформите за вести и каналите на социјалните медиуми. Без разлика дали тоа е преку нивниот „матичен канал“ или нивното онлајн присуство, 49 проценти од испитаниците очекуваат јавните ТВ и радио станици да им дадат вистинити вести, а потоа следи пишаниот печат, избран од 39 проценти од испитаницата. Од друга страна, приватните ТВ и радио станици се наведени од 27 проценти како доверлив медиумски извор. Полска се издвојува како единствена земја во која приватните ТВ и радио станици се најдоверливиот извор на вести. Во уште порадикалното оддалечување од традиционалните извори на вести воопшто, испитаниците во Унгарија ги спомнуваат „луѓето, групите или пријателите што ги следат на социјалните медиуми“ како нивен најдоверлив извор на вести.
Важноста на довербата се менува кога испитаниците биле прашани што би ги натерало да отворат вести на интернет. Додека 54 проценти се мотивирани од тоа што насловот е релевантен за нивните интереси, 37 проценти велат дека е важно да му веруваат на медиумот што ја објавува веста.
Изложеност на дезинформации и лажни вести
Над четвртина од испитаниците (28 проценти) сметаат дека во изминатите седум дена многу често или често биле изложени на дезинформации и лажни вести. Испитаниците во Бугарија генерално имаат најголема веројатност да одговорат дека често биле изложени на дезинформации и лажни вести во изминатите седум дена, при што 55 отсто проценуваат дека биле „многу често“ или „често“ изложени, додека испитаниците во Холандија се најмала веројатност да го кажат тоа (3 проценти „многу често“ и 9 проценти „често“).
Мнозинството од испитаниците се чувствуваат сигурни дека можат да препознаат дезинформации и лажни вести: 12 проценти се чувствуваат „многу сигурни“ и 52 проценти „донекаде сигурни“. Нивото на доверба во правењето разлика помеѓу вистинските вести и лажните вести се намалува со возраста и се зголемува со нивото на образование.
Истражувањето е неправено со интервјуирање репрезентативен примерок од граѓани на ЕУ, на возраст од 15 години и повеќе, во секоја од 27-те земји-членки на Европската унија. Помеѓу 26 април и 11 мај 2022 година, биле извршени 53.347 интервјуа преку компјутерски потпомогнато веб-интервјуирање од „Ипсос“ и нивната партнерска мрежа. Резултатите од ЕУ се пондерирани според големината на населението во секоја земја.