Јужна Африка објави стратегиски документ направен со цел да се искористи потенцијалот на огромната индустрија за диви животни во земјата, за извоз на повеќе месо од зебри, крокодили и други животни, како и да се зголеми локалната потрошувачка на дивечот.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Владата го усвојува буџетот за 2024 година
Владата денеска ќе го разгледува предлог буџетот за следната година, дознава „Блумберг Адрија“. Неофицијално, министрите на денешната седница ќе го разгледаат текстот што го подготви Министерството за финансии и ќе го испратат до Собрание согласно законските рокови.
Иако нема многу детали околу тоа што ќе содржи буџетот за 2024 година, она што министерот за финансии Фатмир Бесими неодамна го соопшти е дека основните постулати ќе бидат повисок раст, помал дефицит и пониска инфлација.
Јавниот долг го зароби економскиот раст на државата
Јавниот долг полека ја заробува државната каса. Државата троши повеќе од половина од она што успева да го заработи за цела година. Вака може наједноставно да се објасни јавниот долг кој заклучно со третиот квартал од годинава изнесува осум милијарди евра или 55,8 отсто од бруто домашниот производ.
Во изминативе пет години јавниот долг вртоглаво расте, и во вториот квартал тој достигна рекордни 8,3 милијарди евра. Намалувањето за 2,1 процентен поен во третиот квартал се должи на враќање за доспеаната еврообврзница.
Работникот што користи вештачка интелигенција ќе го замени оној што не користи
Како што нема раст на бизнисите без е-трговија, така нема раст на е-трговијата без вештачка интелигенција, вели во интервју за „Блумберг Адрија“, Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија во Македонија.
„Вештачката интелигенција отвора нови хоризонти за е-трговијата. Вештачката интелегенција е тука и ќе остане и целосно ја редефинира е-трговијата. Ако правилно ја користиме, може да ја направи поефикасна и попродуктивна работата“, додава таа.
Според неа, работните места не се загрозени од вештачка интелигенција. „Вештачката интелигенција нема да го замени вработениот, туку вработениот што користи вештачка интелигенција ќе го замени оној што не користи“, вели Ангеловска.
Дејвид Соломон: Mожноста за рецесија во САД e значително намалена
Извршниот директор на „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs), Дејвид Соломон, вели дека шансите за рецесија во САД се значително намалени во споредба со минатата година, објави во понеделникот „Хонгконг економик журнал“ (Hong Kong Economic Journal), цитирајќи интервју со директорoт од Волстрит.
Тој ја повтори својата претходна процена за подобрените изгледи за меко приземјување. Во септември економистите на банката ја намалија својата процена за рецесијата во САД на 15 отсто, од 20 отсто претходно, поради забавувањето на инфлацијата и сè уште еластичниот пазар на труд. Таа прогноза беше далеку под 60 проценти на „Блумберг“.
Коментарите на Соломон доаѓаат додека американската економија останува цврста и покрај високите цени и брзото зголемување на трошоците за задолжување, редовно надминувајќи ги предвидените очекувања и намалувајќи ги стравувањата од рецесија.
Во септември земјава ја посетиле 90 илјади странски туристи
Во Македонија во септември годинава се евидентирани 124.800 туристи, од кои 34.769 (27,9 отсто) се домашни, а 90.031 (72,1 отсто) се странски, соопшти Државниот завод за статистика.
Бројот на ноќевањата во септември 2023 година изнесува 256.831, од кои 34,3 отсто се од домашните, а 65,7 отсто од странските туристи.
Во периодот јануари - септември 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 21,8 отсто. Кај домашните туристи има зголемување за 0,5 отсто, а кај странските за 40,3 отсто.