Пожарот што вчера претпладне избувна во магацин на фабрика за бои и лакови во тетовското село Фалише е сè уште активен. Иако со значително намален обем, сè уште има пламен и чад, а пожарникарите продолжуваат со гаснење, информираа изутринава од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Се претпоставува дека изгореле 100 тони хемикалии. Поради големите количества хемикалии што изгореа, од ЦУК побарале од Одделот за биолошко и хемиско оружје да испитаат колкаво е загадувањето.
Според ЦУК, тетовските пожарникари го гаснеле пожарот непрекинато во текот на целата ноќ, кој се очекува целосно да биде изгаснат во наредните неколку часа. Од Центарот за јавно здравје во текот на вчерашниот ден апелираа до граѓаните да останат во домовите, да не излегуваат доколку нема потреба и да ги затворат прозорците бидејќи согорувањето ваков вид материи создава отровни и штетни гасови во воздухот. Утринава од ЦУК упатија препорака граѓаните што живеат во непосредна близина да не излегуваат од домовите доколку немаат потреба. Денеска се очекува на терен да се прават испитувања за тоа каква е состојбата со загадувањето на почвата.