Илон Маск ќе се сретне со израелскиот претседател Исак Херцог и со претставници на семејствата на заложниците во Газа и на тој начин ќе се обиде да го смири гневот на јавноста, која го критикува за неговиот одговор на твит со антисемитска порака.
Извршниот директор на „Тесла“ (Tesla Inc.) и на „Спејс екс“ (SpaceX) ќе се приклучи на разговорите зад затворени врати со претставници на семејствата и со Херцог в понеделник, за да разговара за потребата од борба против антисемитизмот на интернет, наведе портпаролот на кабинетот на претседателот во кратко соопштение.
Милијардерот негираше дека е расист и ги бранеше своите ставови откако одговори на твит што наиде на осуда од Белата куќа и активистите за човекови права. Критичарите го обвинуваат за ширење омраза кон Евреите на мрежата Х, порано позната како Твитер. Маск го купи „Твитер“ минатата година за 44 милијарди долари. Реакцијата дојде во истиот момент кога „Медија метерс“ (Media Matters) објави извештај во кој се истакнува дека X наводно промовира пронацистичка содржина, што ги поттикна огласувачите како ИБМ (IBM Corp.) и „Епл“ (Apple Inc.) да престанат да се рекламираат на оваа платформа. По тоа, најбогатиот човек на светот ја тужеше „Медија метерс“.
Не е познато дали Маск има намера да отвори други прашања додека е во Израел, кој води војна против Хамас откако неговите милитанти убија околу 1.200 луѓе и држат околу 240 заложници, по нападот на 7 октомври. Двете страни се согласија на четиридневно примирје за да се овозможи ослободување на заложниците.
Додека Маск доби поддршка од некои познати личности, вклучувајќи го и менаџерот на хеџ -фондови Бил Акман, други продолжуваат да го осудуваат милијардерот со остар јазик. Британскиот премиер Риши Сунак е последниот во низата луѓе што го осудија Маск, иако тој не беше толку груб како американскиот претседател Џо Бајден.
Бесот беше предизвикан од објава на Х во која лажно се тврди дека Евреите поттикнуваат омраза против белците. Маск одговори на тој твит велејќи дека тоа е жива вистина.
Во неделата десетици илјади луѓе, вклучувајќи го и поранешниот премиер на Британија, Борис Џонсон, присуствуваа на маршот против антисемитизмот во центарот на Лондон. Конфликтот меѓу Израел и Хамас ги зголеми тензиите во Британија и доведе до пораст на антисемитските и исламофобични злосторства од омраза.