За два дена Скопје ќе биде домаќин на министерскиот самит на ОБСЕ. Голем настан, можеби најголем што се одржал во земјава, најавено е присуството на над 1.000 учесници, меѓу нив и на Блинкен и на Лавров, министрите за надворешни работи на САД и Русија, па затоа државниот сектор в четврток нема да работи. Улиците во Карпош и дел од Центар ќе бидат затворени. Вчера и денеска се одржуваат генерални проби за настанот. Граѓаните само треба да се трпеливи. Истиот ден во Дубаи почнува Конференцијата за климатски промени. Најавени се 70.000 учесници.
Добро утро, ова се најважните пет вести за почеток на овој ден
Лавров доаѓа во Скопје, Бугарија дозволила прелет?
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделникот изјави дека ќе учествува на состанокот на ОБСЕ во Македонија доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор и дека некои западни земји побарале средби со него.
„Бугарија ѝ вети на Македонија дека ќе го отвори својот воздушен простор – ако се случи тоа, тогаш ќе бидеме таму. Ајде да видиме“, изјави Лавров на конференција во Москва.
Сите предизвици за Македонија на патот на енергетската транзиција
В четврток светските лидери се собираат во Обединетите Арапски Емирати на Конференција за климатските промени. Во тек на близу две недели во Дубаи ќе се одржи 28-от состанок на страните на Рамковната Конвенција на ООН за климатски промени, 18-от состанок на страните на Протоколот од Кјото и 5-от состанок на страните на Договорот од Париз.
На конференцијата се очекува да биде објавена првата глобална процена – сеопфатна евалуација на напредокот во однос на поставените климатските цели. Овој преглед треба да даде насоки за следните циклуси за придонесите на земјите кон исполнување на климатските цели од договорот од Париз како и за финансирањето на активностите за намалување на стакленичките гасови, зголемување на употребата на обновливи извори на енергија и подобрување на економската ефикасност до 2030 година.
Над 400.000 граѓани опфатени со антикризните мерки што треба да бидат усвоени утре
Над 400.000 граѓани, пензионери, ученици, студенти, самохрани родители, ќе бидат опфатени со антикризните мерки што треба да бидат усвоени утре на седница на Владата, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Антикризните мерки што очекуваме денеска да бидат на седница на Владата се насочени кон најранливите категории граѓани, тука спаѓа најголемата група граѓани, пензионерите, кои ќе добијат одреден надомест неколку месеци, како и ученици, студенти, самохрани родители итн. Буквално најранливите категории, опфатот ќе биде навистина голем, над 400 илјади граѓани ќе бидат опфатени со мерките, за тоа се користат средствата од солидарниот данок“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Маск во Израел се сретна со Нетанјаху, вети дека по војната ќе помогне во обновата
Милијардерот Илон Маск истакна дека би сакал да помогне во обновата на Газа по војната меѓу Израел и Хамас во разговор со премиерот Бенјамин Нетанјаху на својата социјална платформа Х.
Важно е прво да се „дерадикализираат“ палестинските територии, слично на тоа како што другите арапски држави станаа поумерени во последниве години, вклучувајќи ја и Саудиска Арабија, рече Нетанјаху во директната дискусија емитувана на платформата порано позната како Твитер.
Автомобилите заслужни за обновување на светската трговија со стоки
Глобалната трговија со стоки закрепнува по неодамнешниот пад благодарение на побарувачката за автомобили и електроника, се вели во извештајот на Светската трговска организација (СТО) во кој предупредува дека геополитичките ограничувања ја прават краткорочната перспектива многу неизвесна.
Барометарот на стоките се зголеми од 99,1, што беше претходното читање во август, на 100,7, според извештајот на организацијата заснован во понеделник. Надминувањето на прагот од 100 укажува на раст во следниот квартал кој е во согласност со среднорочните трендови.