Илон Маск, милијардерот сопственик на X, вели дека огласувачите што престанале да вложуваат на платформата поради неговото одобрување антисемитска објава можат да „се е..т“.
„Тоа само ќе ја убие компанијата и целиот свет ќе знае дека огласувачите ја убиле“, рече Маск на конференцијата „Дил бук“ (DealBook) на „Њујорк тајмс“ (New York Times) во средата. „Е...е се“.
Објавата беше „најлошата и најглупавата што сум ја направил“, рече Маск, главен извршен директор на „Тесла“ (Tesla Inc.) во однос на антисемитскиот коментар.
Прочитај повеќе
Маск во Израел се сретна со Нетанјаху, вети дека по војната ќе помогне во обновата
Милијардерот Илон Маск рече дека би сакал да помогне во обновата на Газа по војната меѓу Израел и Хамас.
27.11.2023
Маск ќе се сретне со израелскиот претседател по обвинувањата за антисемитизам
Илон Маск ќе се сретне со израелскиот претседател Исак Херцог и со претставници на семејствата на заложниците во Газа.
27.11.2023
Маск го најави Грок, „духовит и бунтовен“ ривал на ЧетГПТ
Илон Маск го најави својот бот со вештачка интелигенција, кој ќе му биде ривал на ЧетГПТ.
06.11.2023
Сепак, ако огласувачите ја напуштат компанијата, неуспехот ќе биде нивна вина, а не негова, посочи тој, велејќи дека се обидуваат „да го уценат со пари“. „Нема да им танцувам“ за да докажам дека сум подобен за нив, додаде Маск.
Маск се појави на сцената на конференцијата „Дил бук“ по бурните неколку недели за него како најбогата личност на светот, со нето богатство од околу 226 милијарди долари.
Во текот на месецов Маск покажа поддршка кон објава во која се наведува дека Евреите имаат „дијалектичка омраза“ кон белите луѓе. Таа порака оттогаш наиде на критики од Белата куќа, како и од неколку инвеститори на „Тесла“. Големите корпоративни потрошувачи, вклучувајќи ги „Волт Дизни“ (Walt Disney Co.) и „Епл“ (Apple Inc.), се дистанцираа од платформата порано позната како Твитер.
Од сцената на „Дил бук“, Маск се осврна конкретно кон Боб, мислејќи на Роберт Ајгер, извршниот директор на „Дизни“. Ајгер зборуваше на настанот претходно во текот на денот.
За првпат откако објавата предизвика глобална реакција, Маск се извини за својот избор на зборови, според видео објавено на налогот на „Њујорк тајмс“ на X. Маск, кој беше во Израел за да ги обиколи областите погодени од нападот на Хамас на 7 октомври, заедно со премиерот Бенјамин Нетанјаху, рече дека патувањето било планирано пред реакцијата на огласувачите. Тоа не беше „турнеја за извинување“, рече тој. По неговата посета, тој се појави на сцената носејќи војничко синџирче, што стана симбол на повикот за враќање на заложниците заробени од Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и од ЕУ.
Маск ги повика луѓето да го судат според неговите постапки, а не според зборовите и како оправдување ги посочи двете компании што ги води. „Тесла“, рече тој, направи повеќе електрични автомобили од конкурентите. „Спејс екс“ (SpaceX), официјално наречен Space Exploration Technologies Corp., испраќа повеќе сателити во вселената од која било друга компанија или земја.
„Мразете ме, сакајте ме или бидете рамнодушни. Но дали го сакате најдобриот автомобил или не го сакате најдобриот автомобил“, праша тој. Маск рече дека направил „повеќе за животната средина од кој било човек“.
Политичко влијание
Маск исто така се осврна на преголемото количество на моќ што го поседува со оглед на неговата пазарна сила во клучните индустрии, како што се автомобилите, вселената, сателитите и социјалните мрежи. Милијардерот ги држи клучевите од технолошки алатки што му обезбедуваат политичко влијание на кое се потпираат светските лидери.
Маск, кој беше близок со претседателот Барак Обама, има спорни односи со администрацијата на Бајден и во средата рече дека не може да се види себеси како гласа за претседателот Џо Бајден на претседателските избори во САД во 2024 година.
Тој го наведе прескокнувањето на „Тесла“ од страна на претседателот, повикувајќи се на самитот за електрични возила во 2021 година, каде што Бајден ги покани производителите на автомобили од Детроит на тревникот во Белата куќа, но ги изостави Маск и „Тесла“. Изоставањето на автомобилскиот производител предводен од Маск, кој има 140.000 вработени на глобално ниво и е водечки светски производител на електрични возила, остана болна точка за милијардерот.
Оттогаш се чини дека Маск се приближува кон Републиканската партија. Во октомври тој се појави на собирање средства за републиканскиот кандидат Вивек Рамасвами, а во мај Маск му беше домаќин на гувернерот на Флорида, Рон Десантис, на X додека тој ја најавуваше својата претседателска кампања во 2024 година.
Маск исто така e чувствителен на подемот на синдикалната активност кај производителите на автомобили, кои во текот на годинава потпишаа рекорден договор со синдикатот на Обединетите автоработници (УАВ), откако Бајден застана на линијата на поддршка за синдикатите. Сега, УАВ тргнува по „Тесла“.
„Не се согласувам со идејата за синдикати“, рече Маск, истакнувајќи дека ако акцијата на УАВ се покаже успешна, тоа е затоа што „Тесла“ не успеа да обезбеди доволно добра работна средина. Ако погоните на нашиот производител станат место за синдикати, тогаш „тоа и го заслужуваме“, рече тој.
Милијардерот се осврна и на дебаклот на „Опен еј-ај“ (Open AI), компанијата зад ЧетГПТ (ChatGPT), меѓу чии основачи беше и самиот тој, но подоцна се повлече. „Имам измешани чувства за Сем“, рече Маск во однос на извршниот директор Сем Алтман, кој неодамна беше сменет, па вратен на функцијата. „Прстенот на моќта може да корумпира“.
Тој рече дека јавноста треба да ја знае причината поради која Алтман бил разрешен, во случај тоа да има врска со некои опасности од вештачката интелигенција. „Мислам дека не стануваше збор за нешто тривијално“.
Маск создава ривал, наречен xAI, користејќи ги податоците од социјалната мрежа X.