Инвеститорите почнаа да се обложуваат дека Европа ќе ги предводи најголемите централни банки во светот во намалување на каматните стапки откако една од најстрогите претставнички на ЕЦБ го опиша забавувањето на инфлацијата како охрабрувачко. Пазарите проценуваат речиси 90 отсто шанси Европската централна банка да започне со намалување на стапките во првиот квартал на следната година, сценарио што едвај се разгледуваше пред само три недели.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Колку инвестиции се потребни за македонската мрежа да ги издржи новите количини струја?
Надвор од грејната сезона, во земјава потрошувачката на електрична енергија не надминува 700 мегавати на час. Во момент во мрежата се вклучени фотонапонски централи од над 600 мегавати, а до март ќе бидат додадени уште дополнителни 150 мегавати од ветерни електроцентрали. Со вакво темпо на инвестиции во производство на струја од обновливи извори на енергија, државава ги достигнува таргетите од Зеленото сценарио од Енергетската стратегија што требаше да се реализираат до 2040 година.
Само лани биле изградени 267 нови електроцентрали кои користат сонце, ветер и вода за производство на струја. Производството на чиста струја од нив било зголемено за 13 отсто во однос на 2021 година. Најголем раст има кај фотонапонските централи од 50 отсто. Вкупно, од обновливи извори лани биле произведени 514 GWh (гигаватчасови).
Италија ја напушта иницијативата „Појас и пат“ на Кина
Владата на италијанската премиерка Џорџија Мелони формално и соопшти на Кина дека ќе излезе од иницијативата „Појас и пат“, задавајќи нов удар на амбицијата на Пекинг да ја прошири огромната инвестициска програма. Пактот „не ги даде посакуваните ефекти“ и повеќе не е „приоритет“, рече министерот за надворешни работи Антонио Тајани денеска на настан во Рим организиран од „Аднкронос“. Земјите кои не се дел од пактот „имаа подобри резултати“, додаде тој.
Мелони со месеци дипломатски го подготвува теренот за да стави крај на програмата на кинескиот претседател Шји Џјинпинг. Италија беше единствената земја од Г-7 што се приклучи на пактот, лансиран пред една деценија за зајакнување на економските врски и проширување на влијанието на втората по големина економија во светот.
Вредноста на биткоинот се зголеми, но не и интересот за него
Од која било причина, биткоинот повторно расте. Неодамна надмина 44.000 долари за прв пат од мај 2022 година. Со порастот на цената, се вратија и директорите од крипто пазарот кои повторно на елоквентен начин објаснуваат како, на пример, биткоинот ќе ја развие западната цивилизација. Тоа е стандардно кога има циклус на раст.
Сепак, сè уште не може да се забелжи зголемена возбуда или интерес за оваа крипто валутакако порано. Во продавницата за апликации на „Епл“, „Коинбејс“ (Coinbase) е 21-та најпопуларна бесплатна апликација за финансии. Таа го достигна првото место во октомври 2021 година, кога биткоинот имаше рекордна вредност. Можеби најјасниот начин да се види недостатокот на возбуда е едноставно да се прикаже цената на биткоин наспроти интересот за валутат преку „Гугл Трендс“ (Google Trends).
Анкета на ЕИБ покажува затегнување на условите за кредитирање
Најновата анкета на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за кредитирање на банките во Централна, Источна и Југоисточна Европа покажува дека затегнувањето на понудата за кредити што започна минатата година не е завршено, но дека се очекува големиот јаз меѓу понудата и побарувачката, забележан во претходните периоди, да се намали.
Делот од анкетата што се однесува за втората половина од годинава, го нагласува континуираното затегнување на понудата на кредити во регионот. Понудата на кредити, како што се наведува, останува ограничена во Србија, Албанија, Косово, Македонија и Босна и Херцеговина, а побарувачката за кредити од клиентите на банките останува отпорна и се очекува благо подобрување.
Коосновачот на „Епл“, Стив Возниак доби српски пасош
Коосновачот на „Епл“ (Apple Inc.), Стив Возниак, ќе добие српски пасош откако ја прифати понудата од претседателот Александар Вучиќ, само неколку дена пред парламентарните избори во оваа земја. „Јас сум Србин кој живее во Америка и тоа сакам да бидам“, им рече Возниак (73) на новинарите заедно со Вучиќ по нивната средба во Белград.
Српскиот лидер, кој е во екот на кампањата пред изборите на 17 декември за да и помогне на неговата политичка партија да остане на власт, го пофали Возниак и го нарече „компјутерски гениј кој сега е Србин“. Возниак, која беше накратко хоспитализиран минатиот месец, откако претрпе полесен мозочен удар, рече дека тој и неговата сопруга Џенет, која исто така ќе добие српско државјанство, продолжуваат интензивно да патуваат и се особено заинтересирани за источна Европа и Србија.