„Не ставаме луѓе на црна листа врз основа на сомнежи или на чувства“, рече вчера американската амбасадорка Анџела Агелер во врска со ставањето на бизнисменот и поранешен вицепремиер, Кочо Анѓушев на црната листа на САД. „Кога велиме дека некој е корумпиран, 100 проценти сме сигурни во тоа“, рече таа и информираше дека Анѓушев веќе ја обжалил одлуката на Стејт департментот преку свој адвокат во САД.
По ваквата изјава на амбасадорката вчера, се јави и поранешниот премиер Зоран Заев кој рече дека му дава поддршка на неговиот поранешен соработник во докажувањето дека сомнежите на САД кон Анѓушев се неосновани.
Добро утро, ова е една од вестите која ќе биде меѓу главните пред претстојните избори. Светот пак, во истиот период ќе се занимава со највисоките каматни стапки во последните две децении и претпоставките кога тие ќе се намалат со оглед на тоа дека инфлацијата забавува, а рецесијата е на прагот.
Во продолжение се петте вести кои се важни за почеток на денот.
ББА прогноза: ЕЦБ останува на пауза, каматите нема да паѓаат до јуни
Не очекуваме зголемување на каматните стапки на денешната седница на Европската централна банка. Последните податоци покажуваат дека вкупната инфлација продолжува да паѓа, а што е уште поважно паѓа базичната инфлација која според последното отчитување за ноември изнесува 3,6 отсто. Кога на тоа ќе ги додадеме нивоата на индексот на расположението на менаџерите, кои во никој случај не се движат нагоре, и танцот на еврозоната на работ на рецесија, тогаш гледаме дека нема простор за понатамошен раст на референтните каматни стапки на ЕЦБ.
Каматните стапки на кредитите на претпријатијата и населението значително пораснаа во последните две години, што може да се види на графиконот подолу. Очекуваме каматните стапки да продолжат да растат во наредните месеци, но со многу побавно темпо отколку што видовме оваа година. Имено, растот на каматните стапки на депозитите и зголемувањето на премијата за ризик покрај веќе споменатиот монетарен пренос може да доведе до благ нагорен раст на каматните стапки на кредитите.
ФЕД најави намалување на каматите за 75 базични поени догодина
Каматните стапки во САД остануваат на исто ниво, највисоко во последните 22 години. Ова е одлуката на американската централна банка на последната седница од оваа година. Стапките остануваат 5,5 отсто.
Соопштението објавено од централната банка беше многу слично со номеврското: различно е тоа што се додава „доколку има“ во делот во кој станува збор за дополнително заострување, а во делот во кој тема е инфлацијата нагласено е дека растот на цените е забавен во однос на претходната година.
Монопол Адрија: Од носталгија до модерни кралеви на таблата за игра
Се сеќавате ли на играта „Монопол“, каде што тргувавте со недвижен имот и им наплаќавте кирија на соиграчите што доаѓаа на вашата територија? Потоа научивме за пазарот, вредноста на локациите, инфлацијата, предностите на сопственоста, научивме за тргување, препродавање, прифаќање компромиси и санкции за прекршување на правилата.
Блед и Бохињ беа елитни дестинации на југословенската игра. Кои од тие локации го издржаа тестот на времето? Како се промени пазарот во изминатите 40 години? Заедно со нашите соговорници создадовме модернизиран регионален монопол – Монопол Адрија.
Македонија има места за скапи полиња на монополот: Колку чинат?
Македонската верзија на една од најпродаваните игри во светот сè уште е во подготовка и најверојатно ќе биде испечатена за неколку месеци. Оваа игра досега во светот има над 290 милиони продадени копии, а е дизајнирана на 44 јазици во 113 земји. Но што ќе има на македонскиот монопол и кои дестинации заслужуваат да се најдат на полињата што се купуваат и издаваат? По колку пари ќе чинат на хартијата, а колку се вредни во реалноста?
На еден таков од минатото на заедничката држава фигурираа Охридско и Преспанско Езеро и чинеа на пример помалку од Блед и Бохињ од Словенија, но речиси исто колку и сега многу познатите хрватски острови. За Попова Шапка, пак, на пример, играчот требаше да оддели многу помалку. Се смени ли нешто досега?
Нови задолжувања: Обезбедени се над 250 милиони евра за справување со кризата
Сто милиони евра макрофинансиска поддршка од ЕУ стануваат достапни за Република Северна Македонија. Во Собранието е изгласано законското решение со кое се овозможува потпишување договор помеѓу РС Македонија и ЕУ, по што средствата ќе бидат доделени во две транши во период од две години.
„Средствата од ЕУ ќе помогнат да ги користиме за резерви, за интервенција на пазарот на девизи или како директна поддршка за Буџетот со цел справување со ризиците кои произлегуваат од кризата. Ова е значајна поддршка во време на криза, особено што условите по кои се обезбедуваат се поволни и овозможуваат заштеди за нашиот буџет“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими кој упати благодарност до ЕУ и до граѓаните на ЕУ за изразената солидарност со нашата земја.