Русија ќе ја преземе контролата врз еден од најголемите ланци автосалони во земјата во сопственост на семејството на богат критичар на Кремљ кој сега живее во егзил. Според документот објавен во петокот, претседателот Владимир Путин потпиша указ за пренос на уделите во филијалите на застапништвото на „Ролф Груп“ (Rolf Group) на државната агенција за имот за „привремено управување“.
„Ролф Груп“ беше најголемиот руски застапник во годините пред Русија да ја нападне Украина и размислуваше за иницијална јавна понуда.
Семејството на претприемачот Сергеј Петров, кој има двојно руско-австриско државјанство и ја напушти Русија пред неколку години, ги држи акциите преку ентитет регистриран на Кипар.
Руските власти отворија кривична истрага против него во 2019 година, обвинувајќи го за нелегално префрлање пари во странство. Петров во 2021 година изјави дека обвиненијата против него се „апсурдни“ и дека случајот е од политичка природа.
Во 2011-2012 година, Петров отворено ги поддржа најголемите антивладини протести на дведецениското владеење на Путин додека служеше како пратеник. Во 2014 година, Петров беше еден од ретките пратеници кои не гласаа кога анексијата на Крим беше одобрена речиси едногласно.
Русија оваа година ја презеде контролата врз неколку бизниси во сопственост на меѓународни холдинзи, вклучувајќи ги француската „Даноне“ (Danone SA) и данската „Карлсберг“ (Carlsberg A/S).