Смртта на рускиот опозициски лидер, адвокат и активист против корупцијата, Алексеј Навални и натаму ја бранува јавност. Вчера неговата сопруга, Јулија Навалнаја, рече дека ќе ја продолжи неговата борба против рускиот претседател Владимир Путин за време на состанокот со највисоките претставници на Европската унија кои разгледуваат нови санкции поради смртта на критичарот на Кремљ. „Борете се и не се откажувајте. Јас не се плашам, а вие не треба да се плашите од ништо“, порача Навалнаја.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои треба да ги знаете за почеток на денот.
Гасот поевтинува, во земјава се избира фирма да го носи гасот до општините
Цената на природниот гас е една од тие кои оваа недела треба будно да се следи. Енергентот поевтинува од почетокот на оваа година, но во последните две недели е на најниските ниво од 2020 година наваму кога побарувачката беше ниска подари пандемијата со Ковид 19. Во последните две недели цената на гасот е под тоа што економистите го нарекуваат технички минимум, односно под два долари/mmbtu (Metric Million British Thermal Unit). Вчерашната цена на холандската берза беше нешто над 24 евра за мегават час.
Во земјава ваква евтина алтернатива не постои поради непостоечката инфраструктура. Но, од Министерството за економија за „Блумберг Адрија“ најавуваа дека е можно до крајот на неделава земјава конечно да ја добие финалната понуда за изградба на секундарниот гасовод односно мрежата која ќе го донесе гасот од магистралниот гасовод до општините.
Нафтоводот Солун – Скопје една година ги чека подзаконски акти за да почне со работа
Македонија е една од ретките а можеби и единствена држава која на својата територија има нафтовод што не го користи. Изминуваат 11 години откако беше прекинат транспортот, на сурова нафта преку нафтоводот Скопје-Солун, откако грчката компанија „Хеленик Петролеум“ оцени дека неговото работење е непрофитабилно.
Овој инфраструктурен проект е изграден во 2002 година, во должина од 213 километри, и носивост на транспорт од 2,5 милиони нафта на годишно ниво. Неговото повторно рестартирање почнува да се најавува од страна на властите во изминативе три години.
„Алкалоид“ го патентира првиот „омепразол“ во течна форма во светот
Македонската компанија „Алкалоид“ разви течна форма на лекот „омепразол“, готов за употреба, за првпат во светот. Од компанијата денеска соопштија дека иновативноста на овој нов производ се базира на два посебни раствора содржани во двокоморското пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен „омперазол“ за употреба.
За производството на лекот, компанијата инвестирала во наменски изработена машина соодветна за овој иновативен производ, осигурувајќи ефикасен и одржлив синџир на негова испорака низ светот, а за тоа ги известила и инвеститорите на Македонската берза.
„Енвидија“ урива рекорди, стана третата највредна компанија во САД
„Енвидија“ (Nvidia), една од најголемите светски компании во областа на производство на микрочипови, го надмина „Алфабет“ (Alphabet), матичната компанија на „Гугл“ (Google), според пазарната капитализација. Овој настан означува значајно достигнување за „Енвидија“ и ја истакнува нејзината доминација во растечкиот сектор за вештачка интелигенција.
„Енвидија“ забележа значителен скок од над два отсто во вредноста на своите акции, достигнувајќи цена по акција од 726,13 долари пред затворањето на пазарот во петокот.
БАФТА 2024: „Опенхајмер“ триумфираше со седум, „Барби“ остана без награда
Церемонијата на доделување на награди на Британската академија за филмска и телевизиска уметност БАФТА се одржа вчера, а на настанот присуствуваа голем број ѕвезди од А-листата. Домаќин беше Дејвид Тенант, ѕвездата од серијата „Doctor Who“ кој се појави во килт, со многу шлокици и со куче по име Барк Руфало, извести Асошиејтед прес.
Почесниот гостин принцот Вилијам претседаваше со собирот како претседател на Британската академија за филмска и телевизиска уметност и се појави без неговата сопруга Кејт, која сè уште се закрепнува од операција минатиот месец. На црвениот тепих прошетаа: Бредли Купер, Кери Малиган, Емили Блант, Розамунд Пајк, Рајан Гослинг, Маргот Роби, Ајо Едебири, Ендрју Скот, Кејт Бланшет, Идрис Елба и Дејвид Бекам.