Какви се најновите трендови на пазарот на трудот во земјите од регионот Адрија ќе можете да прочитате в понеделник, во новата регионална анализа што ја подготви аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“. Истражуваме и во кои сектори може да се очекува раст на платите во претстојниот период.
Членките на ЕУ конечно ја одобрија регулативата за Единствената европска платежна област (SEPA - Single Euro Payments Area). Станува збор за проект за повисок степен на интеграција на внатрешниот пазар на ЕУ со кој се овозможува изедначување на условите за плаќањата во евра за сите учесници, независно од нивната местоположба, односно изедначување на националните и прекуграничните плаќања во евра. Прашуваме до каде е Македонија со воведувањето на стандардите од СЕПА.
Крајот на првото тримесечје од годината е период во кој компаниите ги објавуваат финансиските резултати за претходната година и кога се одржуваат собранија на акционери на кои, меѓу другото, се одлучува дали и колку од профитот ќе се одвои за дивиденда и колкави ќе бидат наградите за клучните менаџери. Анализираме какви се политиките на компаниите за распределба на профитот.
Истражуваме какви ефекти ќе има од воведувањето транзитна такса за гас од Германија и даваме прогнози што може да се очекува од новиот состанок на Европската централна банка, на кој треба да се донесат одлуки за понатамошните чекори во монетарната политика.
Анализираме дали високата инфлација во изминатиот период ги смени навиките на потрошувачите во Македонија и прашуваме што се случува со најавената изградба на брза пруга од Ниш до Скопје.