Што се случуваше во Сараево пред 40 години? За многумина тоа е носталгична приказна за обединувањето на народите, за спортскиот дух, за победите и поразите, за маскотата Вучко, за Јурек, кој го сакавме повеќе од бурек. Проверивме што се случуваше зад сцената на првите Олимписки игри на Балканот кои се одржаа во Сараево 1984 година, какви беа економските ефекти и дали можеме повторно да сведочиме на вакво нешто.
Добро утро, ова се другите пет вести кои се важни за почеток на денот.
Македонски стартапи во реално ТВ шоу ќе се борат за шанса во Силициумската долина
Во Македонија наскоро ќе почне да се прикажува реалното телевизиско шоу „Фаундер гејмс“ (The Founder Games) во кое претприемачи кои имаат стартапи ќе се натпреваруваат за шанса својот бизнис да го претстават пред водечки инвеститори и на тој начин да обезбедат капитал за понатамошен развој. За шоуто кое е прво од ваков вид во Македонија поразговаравме со Сања Митровска, основач на платформата „Нетворкер“ и една од главните носителки на овој проект.
Таа вели дека шоуто има за цел да го покаже вистинскиот пат на градење на еден стартап низ животите на стартапите и нивните ментори.
Потрагата по вечен живот во Силициумската Долина
Ако ви пријде весела личност на улиците на Сан Франциско со формулар во рака, обично може да очекувате да ве праша за мислење за некое политичко прашање. Дали имате време да зборувате за правото на абортус? Пазарот на недвижности? Референдум за онлајн обложување?
Но деновиве има повеќе грандиозни, повеќе лични прашања, кои вообичаено не би ги очекувале од некој што изгледа како да го сака вашиот потпис. Прашањето е: колку долго сакате да живеете?
Цената на парното за деловните корисници во Скопје се намалува за 35 отсто
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за 35 отсто ја намали цената на парното греење за сите деловни корисници во Скопје. Одлуката за намалување на цената се темели на намалувањето на цената на природниот гас на светските берзи.
„Резултатите покажаа дека во изминатиот период цената на природниот гас на берзата е пониска од предвидената, со што се исполнуваат условите да се донесе поволна одлука за категоријата други корисници, кои, пак, во турбулентниот период на енергетската криза го презедоа товарот и добиваа реални сметки за разлика од домаќинствата, кои во целиот изминат период на енергетска криза добиваа сметки со субвенции. Верувам дека со тоа ќе овозможиме и тренд на зголемување на бројот на нови потрошувачи што се од категориите пред сè на деловни корисници“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Што по одмрзнување на цените?
Од денеска цените на прехранбените производи во Македонија не се замрзнати, откако министерството за економија одлучи да не ја продолжи важноста на оваа мерка. Наместо ограничување на цени, владата ќе чека собранието да го изгласа законот за нефер трговски практики.
Институциите најавуваат засилени контроли за да се интервенира во случај на драстично поскапување на производите. Дали пред нас е нов ценовен шок? Според дел од економистите, следејќи ги глобалните движења на цените на инпутите за основните производи, нема основ за поскапувања.
Забавува инфлацијата во Франција и Шпанија
Француската инфлација падна на најниското ниво од септември 2021 година – засилувајќи ја дебатата за тоа кога Европската централна банка треба да ги намали каматните стапки.
Потрошувачките цени во втората по големина економија во еврозоната се зголемија за 3,1 отсто во февруари во однос на претходната година, што е намалување од 3,4 отсто во однос на претходниот месец и во согласност со истражувањето на економистите на „Блумберг“.