Како ќе се движат берзанските цени на таканаречените специјални стоки како што се сокот од портокал, кафето и какаото ќе можете да прочитате во понеделник во новата анализа што ја подготви аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“. Истовремено, анализираме колку се зголемени трошоците за логистика и транспорт и како тоа влијае врз малопродажните цени.
Во изминатиов период има значителен пораст на најзначајните берзански индекси во светот поттикнат главно од зголемувањето на вредноста на акциите на технолошките компании, но и од компаниите од други сектори. Прашуваме дали е дојдено време заштедите во банките да се префрлат во акции. Го анализираме и кинескиот пазар на капитал и можностите кои се отвораат од инвестирање во акции на кинески компании.
Откако американските регулатори одобрија формирање биткоин ЕТФ, оваа криптовалута доживеа своевидна ренесанса и пораст на вредноста. Истражуваме дали новата крипто-треска ја зафати и Македонија.
Во нашата земја има континуиран раст на платите и на пензиите, а тие ќе продолжат да се зголемуваат и годинава, која е изборна. Анализираме дали може зголемувањето на платите со помош на државен билдинг да и донесе раст на македонската економија на долг рок.
На македонските ниви наместо земјоделски култури зачестено никнуваат сончеви електрани, што може да има сериозно влијание врз производството на храна. Пресметуваме колку чинат во просек овие капацитети и што се случува со нив откако ќе им помине векот.
Ги анализираме најновите трендови кај цената на алуминиумот и нивното влијание во различни индустрии. По своевидното фијаско со издавањето патни исправи во Македонија прашуваме дали ќе има последици по туристичките аранжмани.