Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во јануари 2024 година, изнесува 550,6 милиони евра и бележи пад од 11,4 проценти во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 800,2 милиони евра, што е за 5,8 проценти помалку во споредба со истиот период од претходната година. Намалувањето на трговската размена е знак дека кризата во Европа, а посебно во Германија веќе наголемо се чувствува во Македонија.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Колку е тешко да се изгради пругата од 50 километри до Ниш
Изминуваат пет месеци откако македонските и српските власти ставија потпис на идејата да се изгради брза пруга од Скопје до Ниш. Од моментот на потпишувањето на меморандумот за соработка остана неодговорено прашањето кога оваа пруга ќе биде изградена од македонска страна, секако додека во меѓувреме во соседна Србија се работи на железничката инфраструктура на повеќе локации.
„Она што е преземено досега за реализација на овој инфраструктурен проект е формирањето мешана комисија, составена од претставници на министерствата за транспорт од двете земји“, велат за „Блумберг Адрија“ од ресорното министерство. Последен состанок оваа комисија одржала претходниот месец, на кој се разговарало за изработка на акциски план за секоја страна
Високите цени ги променија македонските потрошувачи
Европската централна банка и овој пат одлучи да не ги менува каматните стапки, кои се највисоки во последните петнаесет години. Креаторите на политиките не се брзаат да ги намалат трошоците за задолжување, затоа што сè уште постојат ризици што можат да ја подгреат инфлацијата со која светот се бори во последните две години.
Најголемиот страв го носи растот на платите, а бројките за растот на цените за февруари се над очекувањата, иако трендот е надолен и инфлацијата во еврозоната е на најниско ниво по летото во 2021 година. „Иако можеби е многу примамливо, прерано е да се намалат каматните стапки“, рече минатиот месец претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел.
ЕЦБ ги задржа стапките непроменети, послабата инфлација навестува намалување
Европската централна банка ги задржа каматните стапки непроменети на четврти состанок по ред, додека послабите изгледи за инфлацијата и економскиот раст ги потхрануваат очекувањата за намалувања што треба да започнат во јуни. Стапката на депозитите се задржа на рекордни 4 отсто - како што предвидуваа сите економисти анкетирани од „Блумберг“.
Управниот совет повтори дека одржувањето на ова ниво на трошоци за задолжување „доволно долго“ ќе даде „значителен придонес“ за враќање на растот на потрошувачките цени на целта од 2 отсто.„Управниот совет ќе продолжи да го одржува пристапот што ги следи податоците за да може да се одредат соодветното ниво и времетраење на ограничувањето“, се наведува во соопштението на ЕЦБ.
Стагнацијата во Германија го забави растот на македонскиот БДП
Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во четвртото тримесечје од 2023 година изнесува 0,9 проценти. Во четвртото тримесечје од 2023 година, поголем пораст е забележан во секторите: градежништво од 5,5 проценти и финансиски дејности и дејности на осигурување од 3,5 проценти.
Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата во четвртото тримесечје од 2023 година, номинално се зголемила за 5,8 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 70,9 проценти. Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално е зголемен за 0,1 процент, а увозот на стоки и на услуги забележа намалување во номинален износ од 5,3 проценти.
„Оилко“: Постигнат прагот на успешност во преземањето на „Макпетрол“
Во врска со постапката за преземање на сите обични акции со право на глас издадени од „Макпетрол“ АД Скопје, „Оилко“ информира дека прагот на успешност е постигнат и дека постапката за преземање продолжува согласно законските прописи и рокови. Информацијата доаѓа откако „Оилко“ направи две измени на понудата за преземање на „Макпетрол“ со кои се пролонгира рокот за прифаќање на понудата и се намалува количеството акции што треба да се откупат за понудата да се смета за успешна.
Со првата измена рокот за прифаќање на понудата за преземање се менува од првичните 28 календарски дена од денот на објавата на понудата на 35 календарски дена. Според тоа, првичниот рок, кој беше од 22 февруари до 20 март годинава, се поместува до 27 март.