Првата официјална фотографија на Кејт, принцезата од Велс, откако беше подложена на операција на абдоменот пред речиси два месеца, беше повлечена од етаблираната агенција „Асошиејтед прес“ (АП) и неколку други новински организации бидејќи се чини дека фотографијата е манипулирана.
Кенсингтонската палата ја објави сликата во неделата, додека на социјалните мрежи се шпекулира за тоа каде се наоѓа и што се случува со инаку често фотографираната принцеза, која не е видена во јавност од декември.
Прочитајте повеќе: Кејт Мидлтон се извини поради монтираната фотографија
Но напорите да се отстранат гласините и претпоставките, по сè изгледа резултираа со контраефект откако обожавателите на кралското семејство забележаа недоследности во деталите на фотографијата.
Иако немаше силни докази дека фотографијата е лажна, АП ја повлече фотографијата од оптек бидејќи не ги исполнува нејзините стандарди за фотографирање. Кенсингтонската палата одби да коментира.
Фотографијата се појави на социјалните мрежи за принцот и принцезата од Велс во 9 часот, заедно со порака од Кејт, која на сите им го честита Денот на мајките, кој се прослави во неделата во Обединетото Кралство.
Објавувањето на фотографијата следуваше по неколкунеделни озборувања и шпекулации на социјалните мрежи за тоа што ѝ се случило на Кејт откако таа ја напушти болницата на 29 јануари, по речиси двонеделен престој по закажаната операција. Таа не е видена во јавност уште од Божиќ.
На фотографијата Кејт изгледа здраво, седната е на стол и опкружена со своите насмеани три деца. Се наведува дека ја направил нејзиниот сопруг, принцот Вилијам, престолонаследникот, и дека била направена претходно, во текот на неделата во Виндзор.
„Ви благодариме за добрите желби и континуираната поддршка во последните два месеца“, додава таа.
Приказната брзо стана топ вест во Британија и фотографијата до крајот на денот имаше речиси 50 милиони прегледи на платформата за социјално вмрежување X.
Но, внимателното проучување на сликата открива недоследности, кои сугерираат дека е изменета, на пример во усогласувањето на левата рака на принцезата Шарлот со ракавот на нејзиниот џемпер.
До почетокот на вечерта, АП и другите новински агенции, вклучувајќи ги „Гети“, „Ројтерс“ и АФП, решија да ја отстранат сликата откако ја испитаа повнимателно.
Уредувачките стандарди на АП наведуваат дека фотографиите мора да бидат точни. Агенцијата не користи изменети или дигитално манипулирани слики.
Вредностите и принципите на вестите на АП објаснуваат дека ситното уредување на фотографијата, вклучувајќи сечење и тонирање и приспособување на бојата, се прифатливи кога е потребно за јасна и прецизна репродукција, но треба да ја одржуваат автентичната природа на фотографијата.
Промени во острината, контрастот и бојата што значително ја менуваат оригиналната ситуација не се прифатливи. Заднините не треба дигитално да се заматуваат или елиминираат. Отстранувањето на „црвени очи“ од фотографиите не е дозволено.
Кога АП утврди дека фотографијата е манипулирана, ја примени мерката позната како „фотокил“ (photo kill), термин што се користи во индустријата кога некоја слика се повлекува и им се наложува на клиентите на агенцијата да ја отстранат фотографијата од нивните системи.
„При поблиска проверка, се чини дека изворот манипулирал со сликата“, се вели во извештајот на АП. „Фотографија за замена нема да биде испратена“.