Поради вмешаност во значителна корупција американскиот Стејт департмент денеска именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и поранешната специјална главна обвинителка на Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат за претседател на Македонија, Стевчо Јакимовски.
Покрај Јанева и Јакимовски, Стејт департментот ги определува и членовите на нивното потесно семејство – двата полнолетни синови на Јакимовски, Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски, и сопругата и возрасниот син на Јанева, Венци Јанев и Лазар Јанев. Овие дејствија ги прават Јанева, Јакимовски и членовите на нивните потесни семејства генерално неподобни за влез во САД.
Нивните постапки, се вели во соопштението од Стејт департментот, го поткопаа владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси на нивните влади.
Во нејзиното службено својство на поранешен специјален главен обвинител во Северна Македонија, Јанева беше вмешана во коруптивни дејствија, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист.
„Постојат веродостојни информации кои Јанева ги побарала и примила поткуп за да влијае на обвинителството под нејзина надлежност, се вели во соопштението од Стејт департментот.
За Јакимовски, се вели дека во неговото службено својство како градоначалник на општина Карпош, Северна Македонија, тој бил вклучен во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање во урбаниот развој и процесите на набавки за да имаат корист за себе и за неговите соработници.
Овие именувања, посочуваат од Стејт департментот, ја потврдуваат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на целиот Балкан.
„Одделот ќе продолжи да ги користи сите достапни овластувања за промовирање на одговорност за корумпираните актери во регионот и на глобално ниво, нагласуваат од Стејт департментот.
Овие ознаки се направени според Дел 7031(в) од Законот за резервации на средства на Стејт департментот, странски операции и сродни програми, 2023 година, како што е пренесено со Законот за континуирани резервации.
Стејт департментот на САД денеска, заедно со Јанева и Јакимовски го објави и јавното именување и на поранешниот градоначалник на Качаник, Косово, Џабир Жарку.
На црната листа на САД, поради корупција, претходно се најдоа и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Кочо Анѓушев, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Камчева и Сергеј Самсоненко.
Агелер:САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите вклучени во корупција
Именувањата на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски не треба никого да изненадуваат, вели американската амбасадорка Анџела Агелер и порачува дека Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што е вклучена во значителна корупција.
Агелер, во објава на Фејсбук, порачува дека народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции.
Денешните назначувања на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски никого не треба да изненадуваат. Соединетите Американски Држави ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница што е вклучена во значителна корупција. Народот на Северна Македонија заслужува правда и одговорност од нивните институции за да се запре бранот на криминално однесување и да се запре ракот на корупцијата, се вели во ставот на амбасадорката Анџела Агелер, објавен на Фејсбук страницата на амбасадата на САД во Скопје.
Јакимовски: Ми го прават истото што и на Трамп
Градоначалникот и кандидат за претседател на Македонија, Стевчо Јакимовски на вонредна прес конференција доцна вечерва изјави дека е изненаден од одлуката на Стејд департментот за ставање на црната листа.
Тој вели дека ќе поднесе кривична пријава против непознато лице, за неговото додавање на црната листа. Вели дека ова е директно мешање во изборниот процес.
„Ова е само потврда дека мојата политика е исправна и во одбрана на македонските национални интереси. Ме ставаат во ист кош со нивниот бисер и срам Катица Јанева која правеше истраги и ништо не најде за мене. Колку предлогот на кодошите од Македонија бил студиозен покажува фактот, што мртвиот маж на Катица Јанева е ставен на црната листа, може да видите колку таа одлука е паушална. Ниту сум ранел ниту сум школувал деца со арам пари“, изјави вечерва Стевчо Јакимовски.
„Доналд Трамп има 113 кривични пријави, сценариото таму од длабоката држава е или да го оневозможи да учествува на изборите, да го стават во затвор или да го убијат. Истото сценарио се случува во Унгарија против Виктор Орбан против Вучиќ и против мене. Ова е директно мешање во внатрешните односи на Македонија во извор на претседател и тврдам дека не може никој да ни каже кој ќе ни ја води Македонија“, додава Јакимовски.