Финците се најсреќни луѓе на светот. Глобалното рангирање за задоволство од животот седми пат по ред ја сместува оваа држава на врвот. Првпат на листата во првите 20 земји ги нема САД. Од земјите од регионот пак, најголем напредок има кај Србија, која се искачи за 69 места и се рангира на 37-то место. Македонија се најде на 84-то место, а лани беше на 87-то место. Од сите во регионот Адрија, земјава има најнизок ранг, што значи дека ние сме најнесреќна нација меѓу овие земји.
Добро утро, ова се петте вести важни за почеток на денот
Македонските институции се лесен хакерски плен, државата мирува
Државните институции сами си одлучуваат како да се заштитат од сајбер напади. Во државата ниту има закон кој ќе обезбеди високо ниво на сајбер безбедност на институциите, ниту пак е формирано тело кое ќе се грижи за безбедноста на системите на институциите кои пак располагаат со податоците на граѓаните. Голем дел од веб-страниците на јавните и државни институции го немаат ни основниот безбедносен сертификат, па тие се лесна мета на сајбер-напаѓачите.
За земјава ова е изборна година, а сите се сеќаваме на нападот на страницата на Државната изборна комисија во 2020 година. Имено, како што извести тогаш Министерството за внатрешни работи, при крајот на изборниот процес, а особено во текот на објавувањето на прелиминарните резултати бил „регистриран DDoS напад кој што бил насочен на страната https://www.sec.mk/ и кој влијаел на оневозможувањето на публикувањето на резултатите од апликацијата на дедицираниот сервер за објавување на прелиминарните резултати“. Што направивме да се заштитиме?
Златна доба за златото, Македонија не ги зголемува резервите
Цената на златото на светските берзи забележува засилен раст и изминативе денови достигна цена од 2.169 долари за унца, што е зголемување за 8,9 проценти за период од еден месец. Со оглед на тоа што дел од македонските девизни резерви е во злато, прашавме во Народната банка како влијае тоа врз македонските девизни резерви.
Оттаму велат дека златото во девизните резерви се вреднува по пазарна цена, така што растот на цената доведува до повисоко ниво на девизните резерви.
Едноставноста е клучот во изборот на накит како инвестиција
Додека според годишниот извештај за луксузни инвестиции на компанијата „Најт Френк“ (Knight Frank) нивото на инвестиции во некои категории на луксузни стоки падна во 2023 година [ретко виски (-9 проценти), класични автомобили (-6 проценти), чанти (-4 проценти) и мебел (-2 проценти)], a уметничките дела (+11 проценти), накитот (+8 проценти) и часовниците (+5 проценти) придонесоа за омекнување на падот. Пазарот на накит порасна во вредност од 8 отсто во текот на изминатата година, што е зголемување од 2 отсто во споредба со 2022 година.
Повеќедецениската релевантност на одредени парчиња ги прави да се истакнат како особено профитабилни можности за инвестирање во овој сегмент. Ограничените серии или моделите што не се произведуваат дополнително ја зголемуваат вредноста на секундарниот пазар. Издвојуваме некои што имаат изразена индивидуалност, силен наратив и поврзаност со брендот интегрирана во дизајнот, поради што автоматски претставуваат симбол на статус и стил за сопственикот и за јавноста.
Расте апетитот за ризик, инвеститорите бегаат од американски кон европски акции
Инвеститорите се оптимисти за економскиот развој и расте нивниот апетит за поризични класи на средства, покажуваат податоците од истражувањето спроведено од „Банка на Америка“ (Bank of America Corp / BofA). Инвеститорите продаваат американски технолошки акции и купуваат европски акции, покажува истражувањето.
Евидентирани се најголем пораст на бројот на позиции во европски акции од јуни 2020 година и најголем скок на купување акции од земјите во развој од април 2017 година, пишуваат аналитичарите предводени од Мајкл Хартнет. Инвеститорите повеќе инвестирале во финансискиот сектор, а интересот за тие акции доаѓа на сметка на акциите на технолошките компании од САД, како и компаниите што се занимаваат со производство на несуштински производи.
ЕУ планира како на Украина да ѝ даде од замрзнатите руски пари
Високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) Жозеп Борел во средата претстави план за користење на средствата од санкционираниот имот на руската централна банка за финансирање на воените потреби на Украина.
Борел испрати предлог до земјите-членки да испратат 90 отсто од неочекуваните приходи до Европскиот фонд за мир, кој првенствено се користи за надомест за воени набавки за Украина. „Преостанатите 10 отсто ќе бидат испратени преку редовниот буџет на ЕУ“, рече тој.