Поради штрајк на вработените во авиокомпанијата „Аустријан ерлајнс“ (Austrian Airlines) се откажани летовите од Виена до Скопје и обратно.
Како што информира МИА, на официјалната веб-страница на Меѓународниот аеродром Скопје не се ставени ниту полетувањата, ниту слетувањата со оваа авиокомпанија.
Поради штрајкот, кој според најавите треба да трае денеска и утре, глобално се откажани околу 400 лета и засегнати се околу 50.000 патници.
Претставниците на вработените во „Аустријан ерлајнс“ бараат подобри понуди од раководството на компанијата.
Раководството, пак, ја критикуваше одлуката за штрајк, означувајќи ја како непропорционална и нагласувајќи ги значителните финансиски загуби направени од авиокомпанијата.
Оттаму тврдат дека актуелните пакети за вработените, вклучувајќи и значителни зголемувања на платите до 28 отсто за копилотите, се навистина добра понуда што ќе ја направи авиокомпанијата еден од најплатените работодавци во Австрија.
Во текот на овие два дена „Аустријан ерлајнс“ требаше да реализира 24 лета од Виена до градовите во поранешна Југославија, вклучувајќи летови до Белград, Сараево, Загреб, Приштина, Скопје, Подгорица, Дубровник и Сплит.