Гордана Силјановска-Давкова ќе биде првата жена претседател на Македонија, а коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ја поддржа и Силјановска-Давкова, е победникот на парламентарните избори во земјава. Ова е клучната вест од неделата што изминува. Пред државата секако е предизвикувачки период, време на примена на потребни реформи во интеграцијата на земјата во Европската Унија.
Најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова, а според одредбите од Уставот, новоизбраното собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори.
Во меѓувреме, во посета на Србија беше кинескиот претседател Шји Џјинпинг, кој со српскиот претседател Александар Вучиќ потпиша заедничка изјава на двете земји за продлабочување и издигање на сеопфатното стратегиско партнерство и градење заедница на Србија и Кина со заедничка иднина во новата ера. Претходно Џјинпинг беше во Франција, а францускиот претседател Емануел Макрон повика на создавање нови економски врски со Кина.
Прочитајте повеќе: Македонските банки им посакуваат големо добредојде на четботовите
Трошоците на животот во април годинава во однос на април 2023 година бележат зголемување од четири проценти, а цените на мало бележат зголемување од 3,5 проценти. Инфлацијата е поупорна од нашите желби да ја победиме, а растот на цените сѐ уште ги оптоварува и централните банки низ светот. Секако, инфлацијата ќе ја мачи и новата влада.
Нашата економија чека на падот на каматните стапки, а влијанието од германската криза дополнително и значајно ја погодува нашата економија. Кога зборуваме за Германија, обемот на индустриското производство во земјата годинава падна за првпат, што покажува дека овој сектор на најголемата европска економија сè уште е во неволја.
Од друга страна, германските компании што работат во странство се најоптимистични во последните две години, но не очекуваат дека актуелната ситуација набрзо ќе се промени многу на подобро. Дополнително, нарачките на германските фабрики неочекувано паднаа во март, податок што укажува на постојана слабост во секторот, кој веќе заостанува зад подобрувањето во пошироката економија.
Прочитајте повеќе: Македонски компании меѓу берзанските ѕвезди во регионот Адрија
„Блумберг Адрија“ ја анализираше во детали состојбата на автомобилската индустрија во регионот и во Европа, а нашата редакција го испита ставот на читателите. Прашавме дали би купиле автомобил и, ако купат, дали тоа би бил нов или половен. Се разбира, третина од испитаниците сметаат дека сега не е време за купување, затоа што цените се навистина високи, додека остатокот сепак би се одлучил да се поднови - но изборот првенствено е на половен автомобил. А каков е пробивот на кинеските автомобили?
Владимир Путин, кој досега управуваше со Русија во текот на целиот 21 век, положи заклетва за петти претседателски мандат, во услови на обновени нуклеарни удари со Западот поради неговата војна во Украина. Тој подоцна го предупреди Западот да не ѝ се заканува на Русија додека тој ја продолжува својата инвазија и го заживеа својот говор за нуклеарна моќ на годишната воена парада во Москва по повод победата во Втората светска војна.
Заработката на БМВ падна во првиот квартал, а профитабилноста на производителот на луксузни автомобили беше под влијание на зголемените трошоци за производство.
Сите анализи на аналитичкиот тим се на „Блумберг Адрија инсајт“, а телевизиските следете ги овде.