text size
Владата го стокми и вториот ребаланс на буџетот. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека тој „не е резултат на проблеми со ликвидноста, туку е одговор на променетите економски услови, со непроменет приоритет – заштита на граѓаните, исполнување на законските обврски, одржување на економската активност и фискална дисциплина“.
Владата со ребалансот ја намали прогнозата за инфлацијата во текот на оваа година, иако августовските податоци покажаа дека таа забрза, изнесуваше 2,7 отсто на годишно ниво. Цените на храната пораснаа за 1,7 отсто.
Цените на становите, пак, пораснаа за 10,3 отсто. Податоците на централната банка покажуваат дека растот на цените се случува во време на двоцифрен пад на продажбата на нови станови. Она што поевтинува се деловните простори.
Јавноста неделава најбурно реагираше на барањето на работодавците да се намали бројот на празници. Целта е во услови на недостиг од стручен кадар да се подобри продуктивноста. Ние, пак, анализиравме дали најголемиот универзитет во земјава создава работници за иднината и чија продуктивност ќе зголемуваат тие, македонската или на странските земји.
Прочитај повеќе:
Што покажува пресметката за природната невработеност во Македонија и регионот?
Скапи горива, бум на електричните возила во Европа: Во Македонија не баш
Долгови наспроти финансиски средства: Во што се разликуваат Македонците, Хрватите и Словенците?
Шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева, смета дека светот се соочува со ризичен коктел од вештачка интелигенција, нафта и долгови. Како потврда на нејзиното тврдење, шефот на „Петронас“ предупреди дека ќе има „крвопролевање“ на пазарот за течен гас, а податоците покажуваат дека транспортот на нафта достигнува вртоглави цени, иако таа на крајот на работната недела поевтини откако американскиот претседател Трамп објави дека ќе ги запре нападите врз Иран до изборите за американскиот Конгрес.
Франција е зафатена од бран протести, што е дополнителен проблем за земјата со критичен јавен долг. Во овој случај државата е поризична од компаниите, кредитниот ризик на француските банки порасна над нивото на големите европски конкуренти, но кризата во земјата ги влече надолу акциите на европските банки, а го спушти и еврото на најниско ниво во последните 17 месеци. Лидерката на крајната десница Марин Ле Пен ветува намалување на францускиот дефицит и ја повикува ЕЦБ да интервенира. Оттаму, пак, велат дека ќе имаат „многу интензивна“ дискусија на следниот состанок.
Третиот ризик од „коктелот“ на Георгиева, вештачката интелигенција, според некои експерти е балон што стигнал до точка на пукање. Премиерот на Сингапур предупреди дека следува корекција на акциите на ВИ-компаниите, а дотогаш единствени милијардери што прават пари се технолошките газди. Анализиравме и што се случува кога кинеската ВИ ќе излезе од контрола, кому ВИ му ги крати приходите, а кому му ги зема клиентите и кои се неочекуваните добитници од бумот на центрите за податоци.
И на овој коктел од ризици му фалеше само стравот од чума. Објаснивме што треба да знаете за чумата по сомнителната смрт на лаборантка од Сибир, иако истрагата на Русија не откри чума или други патогени во конкретниот случај.