text size
„Руби сауер“ (Ruby Sour), „грин теори“ (Green Theory) и „маунтајн нектар“ (Mountain Nectar) се три крафт пива во чиј развој учествувале студенти на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, заедно со професорите и технолозите од „Пивара Скопје“. Зад имињата стојат рецептура, производствен процес, лабораториски анализи и оценување на готовиот производ. За студентите, тоа било можност знаењето од предавањата да го применат во нешто што може да се произведе, провери и дегустира.
„Преку овој проект студентите ги применија своите теоретски знаења во реален производствен процес, од развојот и подготовката на пивото, преку запознавањето со современите технологии и лабораториските анализи, до сензорската евалуација на готовите производи“, вели за „Блумберг Адрија“ деканот на Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ), проф. Игор Јорданов.
Токму таква подготовка бараат и компаниите: знаење што дипломецот ќе може да го употреби на работното место. Но меѓу студентската клупа и првата работа, според работодавците, често недостигаат практично искуство, работа со современа технологија и способност за решавање реални проблеми.
Прочитај повеќе
Како до вработување? Личните контакти повторно се поважни од совршено CV
Како во ера на вештачка интелигенција и совршено генерирани CV-a да се препознае или докаже дека некој навистина знае како да ја заврши работата?
01.09.2026
Младите Американци се сѐ повеќе скептични кон ВИ, плашејќи се дека ќе им ја земе работата
Младите се најчести корисници на ВИ, но се вработуваат токму кога ВИ ги еродира најниските позиции кај работодавците.
19.08.2026
ВИ ќе укинува работни места и во Македонија - кои се први на удар?
Првите отпуштања и реорганизации во словенечкиот ИТ-сектор покажуваат како ВИ може да го менува пазарот на трудот и што би можело да следува во Македонија.
17.08.2026
Регрутерите го префрлаат фокусот на специјализирани ВИ работни места за да останат релевантни
Побарувачката за работни места што ја поддржуваат интеграцијата на вештачката интелигенција е во пораст.
09.07.2026
Водоводџиите, фризерите, молерите остануваат човечки професии: До кога во Македонија?
Најотпорни на вештачката интелигенција и автоматизацијата се професиите што вклучуваат физички труд во непредвидливи средини и директна работа со луѓе.
19.11.2025
Трендови на пазарот на труд: Вложувањето во доедукација е најсигурна инвестиција
Високо платените работни места повеќе не се ограничени на традиционалните области како медицина или финансии, туку технологијата, вештачката интелигенција и податоците се тие кои доминираат на листите.
24.10.2025
ТМФ
Диплома од Македонија, кариера во странство
Деканите на Технолошко-металуршкиот и на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) наведуваат дека лабораториските вежби, практиката, индустриските проекти и развојот на студиските програми се дел од подготовката на идните кадри. Истовремено, некои од дипломците својата професионална иднина ја градат во странство, каде што има повеќе можности за нивната струка.
Деканот на ПМФ, проф. Даворин Трпески, за „Блумберг Адрија“ вели дека најатрактивната насока на факултетот, молекуларна биологија и генетика, образова толку кадри што домашниот пазар не може сите да ги вработи.
„Молекуларна биологија и генетика е најатрактивната насока на Факултетот. Тоа е резултат на потребата на пазарот. Кога велам пазарот, за жал, мислам на светскиот пазар, бидејќи многу од тие кадри завршуваат и ги продолжуваат студиите надвор од Македонија и најчесто остануваат да работат во странство. Нашиот пазар очигледно не е подготвен да ги апсорбира сите“, вели Трпески.
Додека за овие дипломци домашниот пазар нема доволно можности, компаниите тешко наоѓаат други стручни кадри. Претседателката на Организацијата на работодавци на Македонија, Владанка Трајкоска, ги издвојува машинските инженери, технолозите за прехранбената индустрија, стручните профили во градежништвото, агрономите, актуарите, лицата со ИТ-знаења и сметководителите.
„Од нашите анализи и истражувања произлегува дека постои несоодветност меѓу квалификациите и вештините со кои младите излегуваат од високото образование и она што компаниите можат веднаш да го применат на работното место. Ова особено се чувствува во производството и во ИКТ и технолошкиот сектор, каде што промените се брзи и образовните програми мора побрзо да се приспособуваат на новите технологии“, вели Трајкоска за „Блумберг Адрија“.
Работодавците очекуваат идните дипломци да ја спојат стручноста со дигиталните и комуникациските вештини и да продолжат да учат и по вработувањето.
„За следните пет години не би зборувале само за ‘нови професии’ туку и за нов профил на високообразован работник - со стручна експертиза, дигитални компетенции, способност за решавање реални проблеми, мултидисциплинарност, комуникациски и други трансверзални вештини, адаптибилност и подготвеност за континуирано учење“, објаснува Трајкоска.
Според неа, студентите релативно ретко работат на реални проблеми на компаниите, а практикантството често е краткорочно или недоволно структурирано.
„Не би рекле дека главниот проблем е недостигот од академско или теоретско знаење. Попрецизно е да се каже дека често недостига можноста стекнатото знаење да се претвори во практична професионална компетентност пред првото вработување“, вели таа.
Индустријата влегува во лабораториите и во студиските програми, но...
Јорданов оценува дека дипломците на ТМФ имаат солидна стручна подготовка и можат во релативно краток рок да ги преземат задачите за кои се образовале. Студентите реализираат едномесечна летна практика во компании, а преку проекти учествуваат и во развој на производи. Покрај крафт пивата, деканот ги наведува брендираното чоколадо со „Макпрогрес“ и соработката со „ТИТАН Цементарница Усје“ на инженерски и технолошки предизвици.
Сепак, и тој препознава способности на кои треба дополнително да се работи.
„Она на што треба дополнително да работиме е развојот на организациските способности, претприемачките вештини и компетенциите за управување со луѓе, процеси и проекти. Современиот инженер не треба само да го познава технолошкиот процес туку и да знае како да го организира, да донесува одлуки, да решава проблеми и да придонесува за развојот на компанијата“, вели Јорданов.
Проф. Игор Јорданов, декан на Тхнолошко-металуршкиот факултет/TMФ
На ПМФ лабораториската работа се надополнува со практика во компании со кои факултетот има договори. Трпески вели дека таму студентите работат на реални проблеми, а соработката се користи и за подобрување на наставата.
„Со фирмите заеднички работиме да ги подобриме слабите страни, но и уште повеќе да ги зајакнеме и оние работи што се јаката страна на студентите. Исто така, добиваме повратни информации и за дипломираните за да можеме да ги подобриме студиските програми со наредните акредитации“, наведува деканот на ПМФ.
На Технолошко-металуршкиот факултет, пак, барањата на индустријата веќе довеле до воведување нови студии.
„Конкретен пример за директно усогласување на образовната понуда со барањата на индустријата е воведувањето на двегодишните студии по дигитално металуршко инженерство. Иницијативата беше поттикната од компанијата ‘Макстил’, а поддржана од Швајцарската амбасада преку Хелветас, со цел да се образоваат стручни кадри за металуршките компании“, вели деканот Јорданов.
Факултетот ги обновува програмите во петгодишен циклус, земајќи ги предвид технолошкиот развој и потребите на работодавците.
„Во тек е и подготовка за акредитација на нови студиски програми, во кои се предвидува интегрирање современи содржини од автоматизацијата, дигитализацијата, вештачката интелигенција, зелените технологии, циркуларната економија и одржливите материјали. Со тоа сакаме да обезбедиме образование што ќе одговори на технолошките промени и на потребите на идната индустрија“, објаснува деканот.
Трпески, пак, ја нагласува важноста на базичните науки како основа за развој на интердисциплинарните области.
„Базичните науки секогаш ќе бидат важни. Без нив не можат да се развиваат и да напредуваат интердисциплинарните“, вели тој, додавајќи дека ПМФ има намера да ги развива „граничните“ дисциплини меѓу природните науки што можат да најдат примена и во Македонија.
За применета математика, медицинска физика и екологија тој наведува дека годишно дипломираат меѓу три и шест студенти по насока.
„Квалитетот на студентите што дипломираат е на многу високо ниво и сите се вработуваат во Македонија, доколку не ги продолжат студиите на постдипломски студии во странство“, вели Трпески.
Прва работа, очекувања како за искусен кадар
И странските универзитети се соочуваат со забелешки за подготвеноста на младите за работа. Во извештајот на Комитетот за иднината на американскиот универзитет при „Корнел“, објавен кон крајот на септември 2026 година, работодавците укажуваат дека на дел од дипломците им недостига способност да решаваат проблеми без однапред подготвен одговор, да прифатат критика и да соработуваат со колеги што размислуваат поинаку.
Комитетот препорачува повеќе проекти и организирана практика, преку кои студентите ќе го применуваат знаењето и ќе развиваат самостојно расудување.
Студентите што учествувале во разговорите за извештајот ја сметале работата со ВИ за важна за идното вработување. Некои од нив се сомневале дека професорите доволно ја разбираат нејзината употреба во компаниите и дека се подготвени да ја вклучат во наставата. Разговорите со професорите, пак, покажале поголема подготвеност да ја испробуваат отколку што очекувале студентите.
Но растат и барањата од луѓето што допрва треба да го стекнат првото работно искуство. Во репортажа на „Асошиејтед прес“ од 24 септември, професорот по компјутерски науки Николас Матеи од универзитетот „Тулејн“ наведува дека компаниите бараат дипломците веднаш да преземаат одговорности поблиски до средно раководно ниво отколку до почетничка програмерска работа. Тој ги оценува таквите очекувања како претерани.
Истата репортажа го следи Џек Земке, кој испратил стотици апликации за работа, но без успех. Пресвртот дошол кога на инженерска конференција претставувал групен студентски проект со алатка за пребарување заснована на ВИ. Таму го забележал претставник на градежно-инженерска компанија на која ѝ било потребно такво знаење. Така Земке го добил првото вработување, односно работел една година во компанијата, пред да премине во стартап за ВИ.
Во Франција, пак, бизнис-школата ЕДХЕК, со цел да ги направи студентите конкурентни на пазарот на трудот и по пет-десет години, направила одредени измени на насоката за дигитални иновации во својата МБА-програма, со фокус на ВИ. Покрај предметите за дигитална трансформација и практична примена на технологијата, студентите работат на проект обезбеден од деловните партнери.
ТМФ
Последниот испит не е крај на учењето, за работници на иднината ќе треба да совладуваат нови лекции
Блиска и постојана соработка меѓу факултетите и компаниите бара и ОРМ, со јасно определени обврски за двете страни.
„Особено е важно практикантството да не биде само формална обврска. Практичната настава треба да има јасни цели и резултати од учењето, реални работни задачи, обучен ментор од компанијата и академски ментор, евалуација и директна поврзаност со студиската програма“, вели Трајкоска.
Работодавците, според неа, веќе организираат практика, стипендии и кариерни настани, а дел учествуваат во наставни програми и истражувачки проекти. Но таа смета дека соработката треба да стане системска и континуирана наместо да зависи од иницијативата на поединечни компании или факултети.
Промените ќе бараат и надградување на знаењето по дипломирањето.
„Не можеме за секоја нова технологија да чекаме целосно нова студиска програма. Потребно е младите и веќе вработените постојано да ги надградуваат стекнатите знаења“, вели Трајкоска.
Колку подготовката им помага на дипломците да најдат работа во својата струка, ТМФ планира попрецизно да следи преку база на податоци што ја воспоставува.
„Нашите сознанија се дека најголем дел од дипломираните студенти се реализираат во својата струка или во сродни области во кои ги применуваат знаењата и компетенциите стекнати за време на студиите“, вели Јорданов.
„Сепак, за да можеме да дадеме попрецизна и статистички поткрепена слика за вработеноста на нашите дипломци, во моментов работиме на воспоставување база на податоци за дипломираните студенти на Технолошко-металуршкиот факултет.“
ПМФ, според Трпески, одржува контакт со дипломците преку Центарот за кариера и алумни-базата што се надградува. Во последната година се организирани две средби на кои успешни алумни им ги пренесувале своите искуства на студентите.
Вработувањето и останувањето на кадарот во земјата зависат и од условите што ги нудат компаниите. Трајкоска вели дека истражувањата на ОРМ не овозможуваат процентуално да се утврди колкав дел од тешкотиите произлегува од образованието, а колкав од платите и другите фактори.
„Станува збор за комбинација од неусогласеност на вештините, недоволна практична подготовка, ограничена понуда на работна сила, одлив на кадар, условите за работа и можностите за професионален развој“, вели таа.
„Истовремено, задржувањето на младите не може да се сведе само на платата. Потребни се и можности за професионален развој, современо работно опкружување и перспектива за градење кариера.“
Студентските проекти веќе ги поврзуваат лабораториите на УКИМ со домашното производство. За дел од дипломците таа врска продолжува во македонските компании. За други, како што сведочи Трпески за молекуларните биолози, образованието и кариерата продолжуваат во странство. Подготовката на идните кадри се одвива тука, можностите да го употребат и развиваат знаењето ќе влијаат врз тоа каде ќе работат.
Стручни студии уште од прв циклус
Во однос на усогласувањето на образовните програми со потребите на пазарот на трудот, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која учествуваше на панел дискусија посветена на Извештајот за раст и работни места, кој Светска банка го изготви за Македонија, изјави дека промените во наставните планови и програми веќе се направени во основното и средното образование, а најголем предизвик останува слабата поврзаност меѓу компаниите и високообразовните и научноистражувачките институции.
Потсети дека со новиот Предлог закон за високото образование се воведуваат стручни студии од прв циклус, специјалистички стручни студии од втор циклус и кратки стручни студии. Законот е сè уште во собраниска процедура и изрази очекување дека поради неговата важност, поскоро ќе биде усвоен, а примената ќе ја зајакне врската помеѓу образованието и пазарот на трудот.
„Ни претстои заедничка работа со академската заедница во делот на обезбедување релевантност на програмите и следењето на исходите на дипломираните. Уште многу ангажман, кој ќе резултира со променето сфаќање на дипломата како крајна цел. Цел е да го вклучиме потенцијалот на младите во обликување на иднината, нивната, но и нашата заедничка“, нагласи Јаневска.