text size
Високата инфлација се врати. Во земјите од еврозоната септемвриската стапка се искачи на највисоко ниво во последните три години, на 3,8 отсто, што е повеќе од прогнозите. Растот главно се должи на скапата нафта, а неизвесноста околу тоа дали Европа ќе има доволно дизел е дополнителен предизвик. ЕУ се надева дека Трамп нема да ја реализира заканата за запирање на извозот на овој енергент, а американскиот претседател побара од ЕУ да ги пушти резервите.
Притисок прави и скапата храна. На растот на цените на основните прехранбени производи, освен геополитиката, влијае и климата. Климатскиот феномен супер Ел Нињо, кој треба да ја обележи оваа зима, се очекува дека дополнително ќе ја влоши состојбата со недостигот од прехранбени производи, што значи и повисоки цени.
Ние пресметавме колку климатските промени се веќе вградени во производите од македонските маркети, а нашите аналитичари прогнозираат дека стапката за оваа година ќе изнесува 3,4 отсто - далеку над целните два отсто.
Податоците за инфлацијата се сигурен показател за затегнувањето на монетарните политики во следниот период. Американскиот Фед веќе го направи првиот чекор, а претседателот Трамп вели дека Ворш требало да гласа против зголемувањето на каматите. Паралелно, каматите на хипотекарните кредити во САД се искачија на 7,28 проценти.
Европа се соочува и со проблеми во набавките на гас. Складиштата не се пополнети според правилата, а цените растат. Во Македонија малку се користи овој енергент, но последици се можни. Премиерот Мицкоски вели дека состојбата е стабилна, но се следи.
Анализиравме и зошто полупразните европски складишта можеби и не се голем проблем во услови кога Европа урива рекорди во производство на струја од ветер.
Прочитајте повеќе:
Ден во 2035-та... Луѓето - последниот голем ресурс
Ти си она што го јадеш: Од производство на храна до бизнис со превенција
Трендот на раст на приносите на државните обврзници продолжува. Приносот на обврзниците на Британија надмина шест проценти за првпат во речиси три децении, приносот на американските 10-годишни и 30-годишни обврзници е највисок од 2002 година. Анализиравме кои се причините за растот на приносите на државните обврзници, колку долго можат да издржат акциите и што се крие зад растот на биткоинот - крај на мечкиниот пазар или само кратка издишка.
Истражувач процени дека постои 10 отсто веројатност ВИ да го уништи човештвото, а Бил Гејтс смета дека на вештачката интелигенција ѝ треба строг надзор. По вечерата во Белата куќа со првите луѓе на технолошките гиганти, и Трамп го смени ставот и најави дека ќе поддржи независни проверки.
ВИ ќе го преземе шопингот во претстојната празнична сезона, се прогнозира раст од 130 отсто во САД. Анализиравме што ќе се случи кога роботите ќе влезат во македонските болници, домови, улици и што ги чека македонските компании – колкав поврат ќе имаат ако инвестираат во ВИ, но и дали долгот на технолошките гиганти што инвестираат во ВИ прераснува во проблем.
Во проблеми е и премиерлигашот Манчестер Сити. Официјалната одлука е дека фудбалскиот клуб ги прекршил правилата со „лажни“ договори, а главното прашање е дали Манчестер Сити ќе остане без титули поради финансиските прекршоци.