Бројот на запишани ученици во средно образование во минатата година изнесувал 69.227 што е за речиси 25.000 деца помалку во однос на учебната 2010/2011 година кога биле запишани 94.155 ученици во средните училишта. Познато е дека дел од причините за намалување на бројот на ученици во средното образование се емиграцијата односно падот на наталитетот, но статистичките податоци откриваат дека повеќе од 15 проценти од населението во рамки на законски пропишаната возраст не е вклучено во средно образование.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
ББА-анализа: Ги прогнозираме цените на златото, бакарот, нафтата...
Пазарот на стоки во 2024 година е обликуван од глобални фактори, со различни перформанси меѓу металите, укажуваат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на новите трендови на пазарот на стоки објавена на „Блумберг Адрија инсајт“. Сумарно, во анализираниот период цените на бакарот и на алуминиумот се зголемија поради нивната улога во декарбонизацијата и поради кинеските економски мерки, додека вредноста на железната руда се намали поради проблемите со недвижностите во Кина.
Цените на благородните метали како златото и среброто се зголемија поради нивната улога на безбедни средства во услови на геополитички несигурности, а цените на суровата нафта скромно пораснаа поради геополитичките тензии и намалувањата на ОПЕК+. Земјоделските производи покажуваат мешани трендови, при што цените на пченицата се зголемуваат поради неповолните временски услови, а пченката поевтинува поради обилните резерви.
Што покажуваат ревидираните проекции на НБМ за цените на суровините?
Цената на нафтата изразена во евра е малку нагорно коригирана за 2024 година, а надолно за 2025 година, но ревизијата не претставува и промена на очекуваната патека, односно и натаму се очекува пад на цените од 0,7 проценти и 8,7 проценти во 2024 и 2025 година, информира Народната банка во новиот квартален извештај. Имено, лани во октомври се прогнозираше пад на цената на нафтата од 1,4 процент годинава и од 8 проценти следната година.
„Нагорната ревизија за 2024 година е резултат главно на мерката за намалување на производството на нафта од страна на земјите членки на ОПЕК+“, соопшти Народната банка. Оттаму објаснуваат дека на состанокот одржан на 3.3.2024 година, земјите членки на ОПЕК+, Саудиска Арабија, Ирак, ОАЕ, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман, одлучија да ја продолжат мерката за доброволно дополнително намалување на производството на нафта за дополнителни 2,2 милиона барела на ден до крајот на вториот квартал на 2024 година.
ЕУ и Македонија гладни за ИКТ специјалисти
Во 2023 година, 9,8 милиони луѓе во ЕУ работеле како ИКТ-специјалисти, што претставува 4,8 проценти од вкупниот број вработени. Во ЕУ има тренд на раст кај специјалистите за ИКТ во изминатите неколку години, при што бројот на луѓе кои работат во оваа област се зголемил за 1,5 процентни поени (п.п.) во однос на 2013 година и за 0,2 п.п. во споредба со 2022 година (4,6 проценти ),информира Евростат. Меѓу земјите на ЕУ, во 2023 година, уделот на специјалисти за ИКТ бил највисок во Шведска (8,7 проценти), потоа Луксембург (8 проценти) и Финска (7,6 проценти).
Најмали удели се забележани во Грција (2,4 проценти), Романија (2,6 проценти) и Словенија (3,8 проценти). Според податоците на Државниот завод за статистика во 2023 година во земјава имало вкупно 688.296 вработени од кои 24.254 лица биле вработено во ИКТ секторот односно 3,5 проценти од вкупниот број вработени. Пред десет години, во 2013 година од вкупно 685.479 вработени во Македонија, 11.387 работеле во ИКТ секторот или 1,6 проценти.
Прв самит на Кина, Јапонија и Јужна Кореа од 2019 година
Кина, Јапонија и Јужна Кореја го започнаа својот прв трилатерален самит од 2019 година со ветувања за соработка, откако Токио и Сеул извршија притисок врз Пекинг со приближување до САД за прашања кои се движат од безбедноста до производството на полупроводници. Кинескиот премиер Ли Кианг и јапонскиот премиер Фумио Кишида вчера пристигнаа во главниот град на Јужна Кореја за да се сретнат со претседателот Јун Сук Јеол. Во тек се билатерални разговори, а во текот на денот е планирана вечера. Официјалниот самит е закажан за денеска, а потоа ќе следи сесија со бизнис лидерите.
Во првиот билатерален состанок на денот, Кианг му рекол на Јеол дека Кина сака двајцата да бидат доверливи соседи и партнери кои ќе му помогнат на другиот да напредува, се вели во извештајот. Јеол изразил надеж дека двете земји можат да ја зајакнат размената, се вели во извештајот. Самитот меѓу трите земји кои сочинуваат околу една четвртина од светскиот бруто домашен производ беше во мирување речиси пет години, делумно поради пандемијата и политичкиот гнев.
„Глас Луис“: Акционерите на „Тесла“ да не му дадат плата од 56 милијарди долари на Маск
Акционерите на „Тесла“ (Tesla Inc.) беа повикани од голема ополномоштена советодавна фирма да го отфрлат предложениот пакет плата од 56 милијарди долари за главниот извршен директор Илон Маск, што претставува удар за одборот на производителот на електрични возила. „Глас Луис“ (Glass Lewis & Co.) ја даде својата препорака во извештајот објавен вчера, наведувајќи ја „прекумерната големина“ на договорот за плата и разводнувачкиот ефект што би ја имала исплатата врз капиталот на компанијата.
„Проектите на господинот на Маск кои не се поврзани со компанијата, а кои одземаат извонредно многу време беа добро документирани пред грантот во 2018 година и само се проширија со неговото купување на компанијата од висок профил, сега позната како X“, вели „Глас Луис“ во извештајот. Препораката до големите институционални инвеститори може да го поколеба нивниот глас околу платата на Маск на годишниот состанок на производителот на автомобили на 13 јуни. Доколку предлогот биде одбиен, извршниот директор може да ги исполни заканите за развој на производи надвор од „Тесла“.