Европската централна банка следната недела ќе почне со олабавување на монетарната политика. Сите податоци, но и очекувањата одат во тој правец. Но паралелно се слушаат и изјави што повикуваат на внимателност. А причини за внимателност има - летото ќе донесе повисоки цени токму на енергентите, а допрва ќе се проценува ефектот од зголемените царини за руското жито.
Горештините и зголемената потрошувачка на енергенти се последица на климатските промени. Цехот за неуспехот во справувањето со нив први ќе го платат банките. ЕЦБ ќе казни четири банки што не ги испочитувале роковите за процена на изложеноста на климатски ризици.
На климатските цели се обврза и земјава. Меѓу другите обврски е и процената на зградите за да се утврди нивната енергетска ефикасност. Но, анализата на „Блумберг Адрија“ покажува дека бесцелно трчаме кон климатските цели.
На домашен терен, стабилноста на валутата е зачувана благодарение на политиките на Народната банка. Поради истите монетарни политики е затегнато и кредитирањето, што резултира со намалување на бројот на продадени станови.
Проблемот е поголем кај фискалната политика. Земјава е во црвената зона кога станува збор за јавниот долг, а експертите ја повикуваат новата влада на дисциплина.
Изминатиот период беше турбулентен за пазарите на суровини. Анализиравме што беше причина за таквите движења - шпекулациите или малата понуда. Следниот предизвик е евтиниот кинески извоз. Лидерите на Г7 се согласија да размислат за преземање чекори за да се воспостават рамноправни услови за игра.
Минатата недела се случија фатални турбуленции на лет на „Сингапур ерлајнс“. Еден Британец загина, а седуммина други лица беа критично повредени. Авионот леташе од Лондон кон Сингапур, а ниту една од двете дестинации не е на списокот со најопасни турбуленции.
А најголемиот земјотрес следува идниот месец. Од 14 јуни почнува Европското првенство во фудбал. Ќе се игра во Германија, a македонската репрезентација нема да патува таму. Регионот ќе го претстават три репрезентации, а ние направиме анализа колку чинат нивните играчи.