Генеративната вештачка интелигенција (ВИ) штотуку почнува да го гради своето економско влијание, вели главната директорка за технологија на „Опен еј-ај“ (OpenAI Inc.), Мира Мурати. Најновиот модел ГПТ-4о (GPT-4o) на „Опен еј-ај“, кој им помага на корисниците да генерираат содржини како текст, презентации и видеа, станува поинтуитивен за користење и тоа го поттикнува неговото усвојување, рече Мурати.
Добро утро, подолу петте вести што ги изводивме за почеток на денот.
Жедта за бакшиш ги скара келнерите, даночниците и гостите
По неуспешните обиди да се вработи во струката по завршувањето на студиите на Факултетот за политички науки во Белград, дваесет и тригодишниот Драган нашол привремено решение во угостителството. Но, како што вели, тоа привремено решение му се засладило, бидејќи како келнер во популарните белградски ресторани и кафулиња успева да заработи значително повеќе отколку како практикант по политички науки.
Но не поради големата плата, туку поради можноста, како што вели, „да се убие од бакшиши“. „Во добрите месеци успевам да добијам сума двојно поголема од мојата официјална плата, која е нешто повеќе од 500 евра“, вели Драган, кој сака неговото презиме да остане анонимно затоа што „даночните инспектори тргнаа во лов на бакшишот“ и не би сакал да ја изгуби работата во еден луксузен белградски ресторан.
Летните горештини ќе ги зголемат цените на гасот, струјата и на храната
Низ светот луѓето веќе живеат во хаосот што го предизвикуваат глобалните температури, кои уриваат рекорди. Тоа ќе се влоши уште повеќе.Се зголемуваат шансите 2024 година да стане најжешката година во историјата, бидејќи северната хемисфера влегува во лето. Цените за некои од највиталните артикли во светот - природниот гас, електричната енергија и основните култури како пченицата и сојата - се зголемуваат.
Светот на поморството, веќе фрлен во хаос од Црвено Море до Панамскиот Канал, најверојатно повторно ќе го потресат исушените водни патишта. А потенцијалот за деструктивни шумски пожари се зголемува. Изгледите се мрачен потсетник за тоа како дивите временски услови поттикнати од климатските промени ја влошуваат инфлацијата, зголемувајќи ги трошоците за енергија, храна и гориво.
ЕУ се согласи да ги зголеми тарифите за увоз на руско жито од јули
Европската Унија се согласи да ги зголеми царините за увоз на руско жито за да ги ограничи приходите на Кремљ и да спречи тие пратки да го дестабилизираат земјоделскиот сектор во регионот. „Тарифите, кои исто така се однесуваат на белоруското жито, ќе стапат во сила од 1 јули“, наведе шефот за трговија на ЕУ, Валдис Домбровскис, на X. Министрите на ЕУ исто така донесоа одлука да се справат со нелегалниот руски извоз на украдено украинско жито на пазарите на ЕУ, рече тој.
„Регулативата ги зголемува давачките за житата, маслодајните семиња и добиените производи од Русија и Белорусија до точка што во пракса ќе го запре увозот на овие производи“, се наведува во соопштението на ЕУ во четвртокот. Русија минатата година извезла 4,2 милиони тони жито и маслодајни семиња во блокот, но таа сума е мал дел од вкупниот увоз на ЕУ.
ЕБОР: Над 18.000 домаќинства на Западен Балкан инвестираа во енергетска ефикасност
За помалку од седум години повеќе од 18.000 домаќинства на Запaден Балкан инвестираа над 100 милиони евра во технологии што заштедуваат енергија, како што се изолација, топлотни пумпи, нови прозорци или соларни панели, благодарение на регионалната програма ГЕФФ (Програма за финансирање зелена економија - Green Economy Financing Facility / GEFF programme) за Западен Балкан, промовирана во 2017 година.
ГЕФФ Западен Балкан е програма основана од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со поддршка на донаторите, и обезбедува специјализирани кредитни линии за зелени инвестиции на начин што води грижа за родовата еднаквост во станбениот сектор (индивидуално живеење, компании што управуваат со домување и менаџирање на станбени објекти, компании што нудат услуги во станбените објекти, производители и продавачи на зелени технологии и материјали, како и градежни компании).
ЕЦБ ќе воведе казни за банките поради климатски неуспеси
Европската централна банка (ЕЦБ) е подготвена да преземе чекор без преседан со наметнување казни на неколку заемодавци поради нивниот долготраен неуспех да се справат со влијанието на климатските промени. Дури четворица заемодавци се соочуваат со казни откако не ги испочитувале роковите поставени од ЕЦБ за процена на нивната изложеност на климатски ризици, според луѓе запознаени со ова прашање.
Износите сè уште не се конечни и можеби се во голема мера симболични, рекоа изворите, кои побараа да не бидат именувани бидејќи потегот не е јавен. Портпаролката на ЕЦБ, која директно надгледува повеќе од сто банки, одби да коментира. Наметнувањето казни сè уште претставува невообичаено суров чекор кон принудување на банките да се усогласат со ставовите на ЕЦБ за тоа како треба да управуваат со климатските ризици.