Европската централна банка (ЕЦБ) го испорача намалувањето на каматните стапки што го најавуваше со месеци - оддалечувајќи се од рекордно високото ниво - но не посочи дали со ваквите потези ќе продолжи и во иднина. Во исто време, ЕЦБ малку ги зголеми прогнозите за инфлацијата за оваа и следната година. Се вели дека инфлацијата во просек би била 2,5 отсто годинава, 2,2 отсто следната и 1,9 отсто во 2026 година.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои се важни за почеток на денот.
Во Македонија има менаџери кои не дозволуваат синдикати: Кој е помоќен?
Прв пат по терористичките напади во САД во 2001 година, лани беше одложено доделувањето на Еми наградите во Холивуд. Причина овој пат беше штрајкот на сценаристите. Лани во септември на историски штрајк излегоа 13.000 работници од таканаречената автомобилска тројка од Детроит („Форд“, „Џенерал Моторс“ и „Крајслер“). Лани на 24 часа запре и јавниот превоз во Германија.
Во земјава во октомври 2022 година инфлацијата стигна до рекордни 20 отсто, најпогодени беа најниско платените работници. Што во вакви услови направија компаниите за да го подобрат работничкиот животен стандард како прво, и како второ да ги задржат работниците во услови на силен недостиг на работна сила поради иселувањето. Имаат ли сила македонските компаниски синдикати да се договорат со менаџерите во име на работниците?
Македонски стартап нуди еколошка опција за вашата луксузна гардероба
Се проценува дека до крајот на 2024 година пазарот за облека од втора рака во Европа ќе достигне вредност од 17,3 милијарди долари. Според Future Market Insights оваа индустрија ќе вреди дури 36,3 милијарди во 2034 година. На глобално ниво, пак, според податоците на американската продавница за користена облека ThredUp, овој пазар ќе достигне вредност од 350 милијарди долари до 2028 година.
Користената гардероба e се’ поатрактивна за потрошувачите и постојат неколку причини за тоа, а меѓу кои се високата инфлација, заштитата на животната средина и поседувањето уникатна облека. Најразвиен систем на собирање и продажба на половна гардероба имаат Белгија и Холандија. Иако жителите на овие држави имаат голема платежна моќ, тие имаат неверојатно одговорен однос кон парчињата што ги носат, а со тоа и кон одржливоста.
„Керфур“ заврши неславно во Македонија, сега може да се врати на Балканот
Француски „Керфур“ (Carrefour), еден од најголемите светски трговци на мало според приходите би можел да влезе на српскиот пазар, пишува српската редакција на „Блумберг Адрија“. Од компанијата официјално потврдуваат дека се враќаат на Балканот, но не даваат конкретни детали за тоа за кои земји станува збор.
„Можеме да ве информираме дека нашата групација продолжува да ја спроведува стратегијата за развој дефинирана со стратешкиот план за периодот до 2026 година, која има за цел да отвори продавници во 10 нови земји“, изјавија за „Блумберг Адрија“ од „Керфур“. Во реализацијата на оваа развојна стратегија, српскиот пазар и балканскиот регион би можеле да бидат интересни за групацијата до 2026 година“, велат оттаму.
Мицкоски го доби мандатот за состав на влада од претседателката Силјановска-Давкова
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска му го додели мандатот за формирање влада на претседателот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски, чија партија на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 мандати.
Силјановска Давкова, повикувајќи се на уставните рокови и фактот дека претседателот на Собранието Африм Гаши беше избран со 76 гласови, изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада и затоа му го доверува мандатот.
Светот го забележа 12. по ред рекордно жежок месец
Мај го одбележа 12-тиот последователен месец на Земјата со рекордни температури, а уште повеќе топлотни бранови се очекуваат ова лето.
Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската унија објави дека минатиот месец вкупните температури на глобално ниво биле 1,52 Целзиусов степен над историските просеци и го означиле најтоплиот мај досега. Месецот беше проследен со катастрофални горештини од Калифорнија до Њу Делхи, што доведе дури и до смртни случаи.