„Стелантис“ (Stellantis) откри како ќе изгледа „фиат гранде панда“, која треба да се произведува во Крагуевац, а новиот електричен автомобил ќе биде претставен пред јавноста на 11 јули, кога „Фиат“ слави годишнина. Овој автомобил е дизајниран во Торино по примерот на „пандата“ од осумдесеттите години на 20 век и се базира на мултиенергетска платформа, што значи дека ќе има електрична и хибридна варијанта.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Големи трансфери и банкарски промени во Македонија: Колку тежат?
Банкарскиот сектор во Македонија е меѓу најпрофитабилните сегменти во домашната економија, а во континуираниот раст на оваа дејност најголем придонес имаат големите банки, кои од година на година уриваат рекорди во заработката. Голема заслуга за тоа имаат менаџерските тимови на банките, кај кои во изминатиов период може да се забележат интересни трансфери и промени, што покажува дека во банкарскиот свет има силна конкуренција за позициите во управните одбори, што е разбирливо ако се земе предвид можноста за личен развој, но и финансиската заработка што ја носат овие позиции.
Еден од последните примери за голем менаџерски трансфер во банкарскиот сектор е преминот на Тони Стојановски од „Стопанска банка Скопје“ во „НЛБ банка“, што предизвика значителни промени во управните одбори на двете банки.
Естетска хирургија во Македонија: Луксуз за Македонците, поволност за регионот
Во Македонија трендот за естетска хирургија се движи континуирано во нагорна линија, но за разлика од соседните земји, како Србија или Хрватска на пример, помал број граѓани се решителни за овој вид на разубавување. Естетската корекција често се смета за луксуз, бидејќи не е медицински неопходна туку се прави по желба на самиот пациент за подобрување на физичкиот изглед, не подлежи на медицинско осигурување, а трошоците за овие третмани се високи за животниот стандард.
Цените за пластична хирургија варираат од една до друга медицинска установа во земјава. Хируршкото зголемување гради, со пласирање импланти со силиконски гел е најчестата корекција. Цената за оваа постапка се движи од 2.500 до 6.500 евра. Операцијата за зголемување на задникот во Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје чини 1.150 евра, додека во приватните клиники достигнува и до 3.000 евра. Најчеста корекција во земјава е операција на нос, а цената за оваа корекција е пониска од цените во земјите од регионот.
Кои се најскапите градови за странци во 2024 година
Регионалните финансиски центри Хонгконг и Сингапур се на врвот на новата глобална листа на најскапи градови за иселеници, задржувајќи ги швајцарските дестинации надвор од првите места вторпат по ред. Високите трошоци за изнајмување им овозможија на овие ривали да ги надминат Цирих, Женева, Базел и Берн, според извештајот за трошоците на животот на „Мерсер“ за 2024 година.
Во извештајот на „Мерсер“ се наведува дека зголемените трошоци за домување и „нестабилните трендови на инфлација“ вршат притисок врз пакетите за компензација на иселениците (различните форми на финансиска и друга поддршка што работодавците им ја даваат на вработените за да се приспособат на животот и работата во странска земја).
Кина започна антидампинг-истрага за увозот на свинско месо од ЕУ
Кина започна антидампинг-истрага за увозот на свинско месо од Европската Унија поради трговските тензии меѓу Пекинг и Брисел. Истрагата започна во понеделникот, соопшти кинеското министерство за трговија. Кина е најголемиот странски пазар во Европската Унија за свинско месо, иако обемот на извозот се намали во последниве години поради прекумерната понуда и ниските цени.
Минатата година трговската размена беше 1,83 милијарда долари, а најголема корист имаа земјоделците во Шпанија, Данска и Холандија. Сепак, тоа е мал дел од вкупната трговија со Европската Унија. Според официјалните податоци, Кина минатата година увезла стоки од ЕУ во вредност од 282 милијарди долари.
Гејтс планира да инвестира милијарди во нуклеарна енергија
Бил Гејтс изјави дека е подготвен да инвестира милијарди долари во проектот за нова генерација нуклеарна централа во Вајоминг за да ги задоволи растечките потреби на Соединетите Американски Држави за електрична енергија. „Терапауер“ (TerraPower), стартап основан од Гејтс, започна со изградба на првиот свој комерцијален реактор минатата недела во Вајоминг, каде што се затвора електроцентрала на јаглен, рече милијардерот и соосновач на „Мајкрософт“. Новиот реактор се очекува да биде завршен до 2030 година.
Централата „Терапауер“, поддржана од американското министерство за енергија, првично се очекуваше да биде оперативна во 2028 година. Сепак, тоа би значело да се потпреме на гориво од Русија, што сега е „неприфатливо“, рече Гејтс.