Работниците кои стравуваат дека нивните работодавци би можеле да користат вештачка интелигенција за да ги заменат, можеби се во право, според податоците во извештајот на Банката на федерални резерви. Во истражувањето спроведено во текот на месец јуни од почетокот на 2022 година, 45 отсто од компаниите посочиле дека ги автоматизираат задачите за да ги намалат трошоците за персонал и работна сила.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Србите работат најмногу часови, во Македонија прекувремената работа се намалува
Од пандемијата наваму драстично се намали прекувремената работа. Во светски рамки, просечната работна недела по 2020 година изнесува 43,9 часа.Податоците на Меѓународната организација на трудот за јануари минатата година покажуваат дека осумчасовната работна недела не е стандард за повеќе од половина од работниците во светот.
Според податоците една третина од вработените во светот работеле подолго од 48 часа неделно, а петтина од сите вработени работеле со скратено работно време или под 35 часа неделно.Во земјава, Законот за работни односи не утврдува реално траење на работното време, туку е утврдена само најниската и највисоката граница за ограничување. Полната работна недела не смее да биде подолга од 40 часа, ниту пак пократка од 36 часа.
Парите од под перница тешко на шалтер, ама лесно на банкомат: Кој контролира?
Македонските граѓани кои своите заштеди ги чуваат дома наместо во банка можат да се соочат со проблем доколку еден ден им се јави потреба да ги извадат парите од „под перница“ и да ги уплатат на трансакциска сметка или на штедна книшка. Имено, согласно постоечката регулатива за уплата на поголеми суми банките се обврзани да побараат изјава и доказ за потеклото на парите и можат да одбијат уплата доколку клиентот не поседува соодветни документи.
Од Народна банка велат дека согласно со Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам (член 13) банките се должни да спроведуваат анализа на клиентот, меѓудругото и во случаите кога се извршува повремена трансакција во износ од 15.000 евра или повеќе во денарска противвредност.
НАТО одбележува 75 години: Колку чини членството?
Македонска владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски деновиве учествува на Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој се одбележува 75-годишнината од формирањето на Алијансата во 1949 година и на кој главни теми ќе бидат обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зацврстувањето на глобалните партнерства.
На воено ниво пак, Алијансата е посветена на мирољубиво решавање на споровите, но ако дипломатските напори не успеат, таа има моќ, сама или во соработка со други земји и меѓународни организации, да преземе операции за справување со кризи, согласно Членот 5 од Основачкиот договор на НАТО или со мандат на Обединетите нации.
НАТО самитот е во сенка на превирањата во САД и Франција
Џо Бајден и 31 лидер на НАТО се надеваа дека нивниот самит оваа недела ќе го прослави новото единство против рускиот Владимир Путин, ќе испрати предупредување до Кина и ќе докаже дека Алијансата е силна како никогаш во својата 75-та година.
Наместо тоа, тридневните свечености ќе бидат засенети од домашните превирања низ Алијансата, од обидот на Бајден да ја смири вознемиреноста поради неговиот катастрофален дебатен настап до француските избори кои ја поткопаа базата на моќ на претседателот Емануел Макрон. Германскиот канцелар Олаф Шолц беше на сличен начин ослабен по катастрофалните резултати на неговата партија на изборите за Европскиот парламент.
Нов формат на Лигата на шампиони: повеќе пари и натпревари за сите
Лигата на шампиони во вторник и среда од 20:45 часот беше класичен термин за секој љубител на она што порано се нарекуваше „најважната споредна работа во светот“. Тогаш ништо друго не се планираше, се знаеше во кој правец ќе биде насочено најголемото внимание. Тој термин веќе извесно време е во историјата, а од следната сезона целиот воспоставен формат ќе претрпи огромни промени.
Форматот на најелитното клупско фудбалско натпреварување со осум групи влегува во историјата, а ќе биде заменет со лигашки систем со 36 екипи. Клубовите во Лигата на шампиони повеќе нема да играат против исти противници дома и на гости, туку сите екипи ќе бидат поделени во четири силни групи и секој тим ќе игра со по две екипи од секоја група - еден натпревар дома и еден на гости.