Македонска владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски деновиве учествува на Самитот на НАТО во Вашингтон, на кој се одбележува 75-годишнината од формирањето на Алијансата во 1949 година и на кој главни теми ќе бидат обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнувањето на одбранбена индустрија и инвестициите и зацврстувањето на глобалните партнерства.
Во воведниот текст на Основачкиот договор на НАТО се посочува дека земјите членки ја потврдуваат својата посветеност на целите и принципите на Повелбата на ОН и на нивната желба да живеат во мир со сите народи и сите влади, за што тие се решени „да ја заштитат слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на нивните народи, засновани на принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото, се обидуваат да промовираат стабилност и благосостојба во северноатлантската област и се решени да ги обединат своите напори за колективна одбрана и за зачувување на мирот и безбедноста“. На политичко ниво НАТО ги промовира демократските вредности и им овозможува на членките да се консултираат и да соработуваат за прашања поврзани со одбраната и безбедноста за да ги решат проблемите, да изградат доверба и, на долг рок, да спречат конфликт.
На воено ниво пак, Алијансата е посветена на мирољубиво решавање на споровите, но ако дипломатските напори не успеат, таа има моќ, сама или во соработка со други земји и меѓународни организации, да преземе операции за справување со кризи, согласно Членот 5 од Основачкиот договор на НАТО или со мандат на Обединетите нации.
Кратка историја на НАТО
Во услови на последиците од Втората светска војна, во која загинаа речиси 36,5 милиони Европејци, од кои 19 милиони цивили, САД решија да се откажат од традиционалната политика на изолационизам, промовирајќи го Маршаловиот план за помош и поддршка на европските земји во нивната обнова и економска стабилизација. Зајакнатата економска и политичка соработка, но и заканата од советскиот експанзионизам, ја наметна потребата и од поголема воена соработка и колективна одбрана, што резултираше прво со создавањето на Западната унија во 1948 година, а една година подоцна и со потпишувањето на Северноатлантскиот договор, со што се формираше НАТО.
Северноатлантскиот договор беше потпишан на 4 април 1949 година во Вашингтон од страна на 12 земји - Белгија, Велика Британија, Данска, Исланд, Италија, Канада, Луксембург, Норвешка, Португалија, САД, Франција и Холандија, по што следеше и создавање на воена структура за ефективно координирање на заедничките безбедносни акции.
Со помошта и безбедносниот чадор, постепено беше обновена политичката стабилност во Западна Европа и започна повоеното економско чудо. Во 1952 година кон НАТО се приклучија Грција и Турција, а во 1955 година и Западна Германија.
Патот на Северна Македонија до членство во НАТО
Стратешка определбата за евро-атлантска интеграција на Македонија е утврдена во 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција со која се дефинирани нејзините надворешно политички приоритети - членството во НАТО и во ЕУ. Патот кон НАТО започна на 15 ноември 1995 година, кога државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир. На 14 јуни следната година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997-та и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година на Самитот на НАТО во Вашингтон, земјата доби статус на кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.
Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата ќе добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција. Во рамки на декларациите на следните Самити на НАТО во Лисабон во 2010, Чикаго во 2012, Кардиф во 2014 и Варшава во 2016-та, беше повторена формулацијата од Букурешт дека Алијансата ќе упати покана за членство во НАТО веднаш по постигнувањето на взаемно прифатливо решение за името со Грција во рамки на ОН.
На Самитот на НАТО на 11 и 12 јули 2018 година во Брисел конечно беше донесена одлука земјата да добие покана да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата, по што на 1 август, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг упати писмо до министерот за надворешни работи заедно со План за спроведување на процесот на пристапување на земјата во НАТО.
На 18 и 19 октомври 2018 година на состанок одржан во седиштето на НАТО во Брисел успешно завршиja пристапните разговори за членство на земјата во Алијансата, по што на 21 јануари 2019 година, министерот за надворешни работи упати писмо до Столтенберг во кое беше изразена подготвеноста и способноста на државата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање на покана за пристапување кон Пактот.
На 6 февруари 2019 година во седиштето на НАТО во Брисел претставниците на 29-те тогашни земји членки го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата, по што започна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на земјите членки, која беше финализирана на 19 март 2020 година, кога шпанскиот амбасадор во Вашингтон го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес.
На 11 февруари 2020 година, Собранието едногласно го ратификуваше Северноатлантскиот договор, по што на 20 март следеше и потпишување на Инструментот за ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на претседателот на Републиката.
Конечно, на 27 март 2020 година тој Инструмент беше депониран во американскиот Стејт департментот со што Република Северна Македонија и официјално стана 30-та земја членка на Алијансата.
Изминативе години земјава се докажа како кредибилен партнер и сојузник во НАТО, како држава со меѓу најголемите придонеси за поддршка на Украина по глава на жител и со надминувањето на утврдениот праг за одвојување на средства за одбраната од два отсто, со тоа што за оваа година од Буџетот е предвидена сума од 2,22 проценти од БДП за одбранбени потреби.