Голем број на кабли со оптички влакна кои носат широкопојасна интернет услуга низ јужните и источните региони на Франција беа пресечени завчера во текот на ноќта во последниот напад врз инфраструктурата на земјата за време на Олимписките игри.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Колку заработуваат македонските телевизии и радија?
Во Македонија на крајот од 2023 година работеле дури 103 радиодифузери, од кои 40 телевизии и 63 радија, што со оглед на популацијата и големината на територијата на земјава очигледно е премногу кога станува збор за поделбата на рекламниот колач и на публиката.
Имено, во Македонија има само пет приватни телевизии и четири приватни радија на државно ниво, а повеќето се помали регионални и локални субјекти за кои повеќето македонски граѓани никогаш не слушнале. Лани јавниот радиодифузен сервис и комерцијалните радиодифузери заедно оствариле приходи во износ од 2,45 милиjaрди денари (39,9 милиони евра).
Нов меѓународен играч влегува во сметководствениот сектор во Македонија
Словенечката компанија „Унија холдинг“ ги купува македонските компании „Унија смарт акаунтинг“ и „Унија консалтинг“ преку стекнување на сто проценти од сопственоста. Словенечката компанија е холдинг на компании односно управува и има капитално учество во субјекти кои обезбедуваат финансиски услуги, како што се сметководство, ИТ решенија и советување.
Сопственик на мнозински удел од 60 проценти во словенечката компанија е „ЕТЛ интернешнл“, меѓународна компанија која има повеќе од 500.000 клиенти и свои претставништва на повеќе континенти. Имено, таа е сопственик на друштва од целиот свет кои работат во областа на даночното советување и сметководството и претставува светска интердисциплинарна мрежа на професионалци и меѓународна деловна платформа.
ЕЦБ чека податоци за намалување на стапките, неделава е клучна
Низа економски податоци од еврозоната неделава ќе достават клучни информации за Европската централна банка (ЕЦБ), додека официјалните лица бараат сигнали дали да продолжат со намалувањата на каматните стапки во септември. Извештајот в среда веројатно ќе покаже инфлација од 2,5 проценти, според просечната прогноза на 36 економисти во истражувањето на „Блумберг“.
Одредено олеснување може да дојде од основната мерка на инфлацијата што ги исклучува нестабилните ставки како што се енергијата и храната. Аналитичарите предвидуваат дека ќе се намали на 2,8 проценти. Откако ЕЦБ месецов ги остави трошоците за задолжување во мирување, властите нагласија дека следната одлука во септември зависи од низата економски податоци што треба да пристигнат дотогаш. Инвеститорите очекуваат да има кратење, со речиси 90 проценти веројатност за потег.
Нафтата блиску до шестнеделен минимум, се следат настаните на Блискиот Исток
Нафтата се спушти близу шестнеделен минимум, бидејќи позитивните економски податоци од Кина ја намалија загриженоста за побарувачката од најголемиот светски увозник, пред состанокот на ОПЕК+ неделава. Брентот се тргуваше над 81 долар за барел, откако падна за 1,5 отсто во петокот, забележувајќи го третиот неделен пад, додека ВТИ беше близу 77 долари.
Индустрискиот профит во најголемата азиска економија порасна побрзо во јуни отколку во мај, покажувајќи ја отпорноста на производствениот сектор. Суровата нафта останува скромно повисоко годинава, благодарение на дисциплината за снабдување на ОПЕК+ и очекувањата дека Федералните резерви се приближуваат до пониски трошоци за задолжување. Одлуката за каматната стапка на американската централна банка треба да биде донесена в среда.
Од 1 август се намалува цената на парното
Цената на парното греење за домаќинствата во Скопје од 1 август се намалува за 3,16 отсто за корисниците на ЕСМ, за 1,71 отсто за корисниците на топланата Скопје Север и за 0,5 отсто за корисниците на ЕСМ Енергетика. За деловните корисници и училиштата поевтинува за 17,3 отсто кај ЕСМ, за 17,22 кај Скопје Север и за околу 40 отсто кај ЕСМ Енергетика.
„Оваа цена која што ја кажав за домаќиствата е без субвенции, во изминатиот период цените на природниот гас се стабилизираа и оттука не гледам дополнителна причина да има дополнителни субвенции. Имаме период на стабилизација, со одлуките и политиките кои што ги водеше регулаторната успеавме да ја држиме стабилна цената на парното и сега е период на намалување на цената“ вели претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.