Дали вчерашниот тежок понеделник ќе значи и тежок вторник? Светските берзи вчера доживеаа тежок пад поради загриженоста дека Федералните резерви на САД доцнат со поддршката на забавената економија. Потонаа акциите на највредните американски компании, се намали вредноста на криптовалутите, падна цената на гасот. Тајванската берза го имаше најлошиот ден во последните 57 години.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои треба да ги знаете на почеток на денот.
Со намалување на данокот на добивка ќе се покриваат загубите од глобалниот минимален данок?
Премиерот Христијан Мицкоски најави дополнително даночно олеснување за богатите мултинационални компании. Стапката за корпоративен данок од 10 ќе се намали на пет отсто за оние компании кои ќе консолидираат добивка во земјава, а остваруваат профит поголем од 50 милиони евра.
Ова значи дека понискиот данок би важел за компании кои ќе отворат фирма во земјава, а таа ќе биде мајка на други подружници и за сите нив корпоративниот данок би се плаќал во Македонија. Дали целта на ова решение е земјава да остане атрактивна за инвеститорите по стапувањето на сила на правилата на ОЕЦД за минимален данок?
Регионот со децении боледува од бела чума, го чека ли и економски колапс?
Населението на Европската Унија се зголемуваше цели 20 години, до почетокот на 2020 година, кога почна да се намалува, што траеше следните две години, пред повторно да се зголеми во текот на 2022 година. Сепак, природната промена на населението (разликата меѓу живородените и умрените) во Европската Унија (ЕУ) е негативна од 2012 година, најмногу поради стареењето на населението.
Сепак, во текот на 20-годишниот период, до крајот на 2023 година (според последните податоци објавени од Евростат на 15 мај), населението на Унијата пораснало за вкупно четири проценти. Овој раст не го делат земјите од регионот Адрија, со исклучок на Словенија до одреден степен. Напротив, тие со децении се соочуваат со опаѓање на бројот на жители, со сериозни последици по економскиот развој, пазарот на трудот, пензиските и здравствените системи.
Иран вели дека ќе го казни Израел, но сака да избегне тотална војна
Иран сигнализираше дека сака да избегне целосна војна со Израел, иако се закани дека ќе се одмазди за минатонеделниот атентат на еден од главните луѓе на Хамас, кој се случи во главниот град на исламската република.
Техеран, кој веќе вети одмазда за убиството на Исмаил Ханија, рече дека има цел да го одврати Израел од повторување слични потези. Израел ниту потврди ниту негира дека стои зад нападот.
САД ќе забранат кинески софтвер во автономните возила
САД може да предложат забрана на кинески софтвер во автономните возила во следните недели поради безбедносни грижи, пренесе агенцијата „Ројтерс“ (Reuters).
Администрацијата на Бајден планира да предложи правило со кое ќе се забрани кинески софтвер во возилата во Америка со ниво на автоматизација од 3 и нагоре, објави „Ројтерс“, цитирајќи неидентификувани извори. Тоа ќе го забрани тестирањето на патиштата во САД на автономни возила произведени од кинески фирми, се наведува во извештајот.
Тикток ја повлече апликацијата која поттикнуваше подолго седење пред екран
Европската унија го затвори случајот против Тикток на „БитеДенс“ (ByteDance) откако кинескиот гигант на социјалните мрежи ја повлече контроверзната апликација за која регулаторите предупредуваа дека може да предизвика зависност кај децата.
Извршната власт на блокот објави дека „БитеДенс“ се обврзала трајно да ја повлече својата контроверзна програма за награди на нејзината апликација Лајт (Lite) за да се усогласи со строгиот нов Закон за дигитални услуги на блокот.