Вторникот донесе олеснување на глобалните берзи. По тешкиот понеделник кој многумина ги потсети на оној од 19 октомври 1987 година, вчера берзите се консолидираа. Сега, аналитичарите велат дека не е потребна паника, но препорачуваат претпазливост.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои треба да ги знаете за почеток на денот.
Се чека понудата: Колку ќе плати „Комерцијална банка“ за акциите на „Стопанска банка Битола“?
Црвенилото што ја зафати и Македонската берза по тешкиот понеделник продолжи и вчера. Главниот берзански индекс МБИ 10 во вчерашното тргување загуби дополнителен над еден отсто од вредноста. И вчера, исто како и во понеделникот, меѓу најголемите губитници беа банките.
Сепак, ова не важи за акцијата на „Стопанска банка Битола“. Во понеделникот цената се зголеми за 1,69 отсто, а вчера додаде дополнително 1,28 отсто и стигна до цена од 3.393 денари. Позитивниот тренд се поклопува со очекувањето на понудата од „Комерцијална банка“ за преземање на „Стопанска банка Битола“.
Вештачката интелигенција ќе згасне многу работни места, но какви ќе создаде?
„Креативното уништување“ (англ. Creative destruction) е еден од основните концепти на економијата. Идентификуван од Џозеф Шумпетер уште во 1942 година, тој суштински вели дека промените се неизбежни и дека старите начини на вршење на работите постојано се заменуваат со нови.
Тоа неизбежно води кон фактот дека старите работни места исчезнуваат, но бидејќи креативното уништување е поттикнато од иновациите, тоа значи и дека се отвораат нови работни места.
Судот во САД утврди дека „Гугл“ има монопол, се очекува жалба од гигантот
Американски федерален судија утврди дека „Гугл“ (Google) незаконски ја користел својата доминантна позиција на пазарот преку својот интернет-пребарувач за да ја победи конкуренцијата и да ги задуши иновациите. Според судската одлука, компанијата го монополизирала пазарот за пребарување преку склучување ексклузивни зделки.
Иако е речиси сигурно дека технолошкиот гигант ќе се жали на одлуката и дека спорот ќе стигне до Врховниот суд на САД, АП оценува дека одлуката е од сеизмичка природа и дека може да го промени интернетот каков што го знаеме и ја попречува една од најпознатите компании во светот.
Франција ќе има најлоша жетва на пченица во последните 40 години
Се предвидува дека Франција ќе ја доживее најлошата жетва на мека пченица во повеќе од 40 години поради прекумерните дождови во најголемиот производител во Европската унија.
Производството би можело да падне на 25,2 милиони тони пченица во сезоната 2024-2025 година, што е за 27 отсто помалку од петгодишниот просек, покажуваат податоците на „Аргус“. Непрестајните дождови во комбинација со недостатокот на сонце и ниските температури кои ги фаворизираат болестите влијаеја на приносот и квалитетот на земјоделските култури во повеќето региони.
Како до зголемено производство на грозје и квалитетни вина
Минатата година во Македонија биле произведени 149.006 тони грозје, што е најмалку од 2005 година досега. Главна причина за тоа се долгата транзиција и промената на политичко-економските фактори што влијаат на производството на грозје, а не толку многу климатските промени, вели Александар Ристовски, оперативен менаџер во винарницата „Лазар“, во интервју за ТВ Блумберг Адрија.
„Во секој случај, падот на просечната родност на лозовите насади е намален поради интензитетот т.е. фокусот на производство на поквалитетно грозје, поквалитетни вина, каде што квантитетот и квалитетот секојпат се во обратна насока“, вели Ристовски.