Македонија има најбрз интернет во регионот, а е меѓу подобро рангираните земји и во Европа, покажува истражувањето на „Кејбл“ (Cable.co.uk), кое го објави статистичкиот портал „Ландгеист“ (Landgeist).
Со брзина на интернет-конекциите од 97,9 мегабити во секунда (Mbps), Македонија е пред Словенија (97,0 Mbps), Србија (60,5 Mbps), Косово (57,3 Mbps), Грција (53,9 Mbps), Црна Гора (49,5 Mbps), Босна и Херцеговина (44,0 Mbps) и Бугарија (40,4 Mbps).
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Храната поскапува, a македонски компании имаат профит од тоа
Во седумте месеци од оваа година споредено со истиот период лани поскапеле сите основни прехранбени производи освен маслото. Според податоците кои државната статистика ги објави вчера, заклучно со јули, највисок раст бележат цените на овошјето и зеленчукот.
Високите цени на храната се одразија на приходите на најголемите компании од прехранбениот сектор во земјава. „Блумберг Адрија“ ги анализираше полугодишните резултати кај пет фирми кои доставуваат извештаи на Македонска берза...
Инфлацијата во јули изнесува три отсто
Трошоците на живот во јули биле повисоки од јуни, објави Државниот завод за статистика. Според пресметките, на месечно ниво инфлацијата се зголемила за 0,7 отсто.
„Зголемувањето на инфлацијата во јули 2024 година, во однос на јуни 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: ресторани и хотели за 5,8 отсто, транспорт за 4,9 отсто, рекреација и култура за 1,2 отсто, здравје, разновидни стоки и услуги за 0,6 отсто, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,3 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,1 отсто“, соопшти ДЗС.
Во истиот период забележано е намалување на трошоците за облека и обувки за 0,5 отсто, храна и безалкохолни пијалаци за 0,2 отсто, комуникации за 0,1 отсто.
На годишно ниво, трендот на забавување на инфлацијата продолжува втор месец по ред. Во јули во однос на јули лани индексот на трошоците на живот бележи раст од 3 отсто.
Шест премини можат да ја свртат светската трговија наопаку
Користејќи ги податоците од „Кларксон рисирч Сервис“ (Clarkson Research Services), најголемиот светски бродоброкер, „Блумберг њуз“ идентификува „шест порти“, клучни кратенки што управуваат со непропорционален дел од поморската трговија, заедно со ризиците со кои се соочуваат.
Секоја точка се соочува со уникатен сет на проблеми што би можеле непредвиден инцидент брзо да го претворат во посериозна криза. Само помислете на запирањето на контејнерскиот брод „Евер гивен“ во 2021 година во Суецкиот Канал, кој ја запре светската трговија вредна десет милијарди долари (9,19 милијарди евра) речиси една недела, или на падот на мостот во Балтимор во март, кој го затвори пристаништето на кое во 2023 година се претоварила стока во вредност од 80 милијарди долари (73,54 милијарди евра).
Во Македонија и во вселената - каде ќе се шири унгарската компанија 4иГ
Унгарската компанија што има намера да влезе на македонскиот телекомуникациски пазар годинава ќе го пушти првиот унгарски сателит во орбитата. Групацијата 4иГ, заедно со „Антена Унгарија“ и „Њу спејс индустрис“, ја регистрира компанијата „Карпатија Сат“, која ќе го лансира сателитот што е погоден за емитување, интернет и телефонски услуги, пренос на податоци…
Минатата недела претседателот на групацијата 4иГ, Гелерт Жазсаи, на средба со македонскиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски, истакна дека компанијата има волја да придонесе и за развојот на телекомуникацискиот пазар во земјава.
Доколку Унгарците одлучат да влезат на пазарот, ќе бидат седми мобилен и шести оператор во фиксната телефонија.
Директорот на „Голдман“ вели дека Фед нема вонредно да ги намалува стапките
Главниот извршен директор на „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.), Дејвид Соломон, предвиде дека Федералните резерви (Фед) ќе избегнат преземање итни чекори за намалување на трошоците за задолжување бидејќи смета дека американската економија ќе ја прескокне рецесијата.
„Не очекувам дека ќе видиме нешто пред септември“, рече Соломон во интервјуто за претстојната епизода на Шоуто на Дејвид Рубенштајн. „Економијата ќе напредува и веројатно нема да видиме рецесија“.
Инвеститорите ги зголемија облозите дека креаторите на политиката ќе дејствуваат пред нивниот редовно закажан состанок во септември, откако берзите низ светот паднаа, а податоците за вработеноста во петокот покажаа дека американската економија слабее повеќе од очекуваното. Пазарите во еден момент во понеделникот одразуваа 60 отсто веројатност дека Фед ќе ги намали стапките во рок од една недела.