Невремето со грмежи над Балканот и над Грција претставува ризик од поплави и громови што би можеле да предизвикаат повеќе шумски пожари, додека жештината продолжува да ја зафаќа јужна Шпанија, пишува „Блумберг“.
Има портокалови предупредувања за бура за грчките острови во Јонско Море, вклучувајќи го и Крф, додека поплави се пријавени во некои северни области, како што е Јанина. Речиси една четвртина од 44-те шумски пожари во земјата во текот на 24 часа, до 18:30 часот во неделата, беа предизвикани од гром на голема надморска височина, што го отежнуваше нивното гаснење. Загрозени се и големи делови од Северна Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово.
„Бидејќи во следните неколку дена се очекуваат временски феномени со интензивна молскавична активност, мора да бидеме внимателни“, изјави грчкиот министер за цивилна заштита Василис Кикилијас.
Од хидрометеоролошкиот завод на Македонија соопштија дека денеска и утре времето ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд (над 20 л/м2), силен ветер (над 60 км/час) и појава на град.
Во Скопје денеска и утре ќе има појава на пороен дожд и грмежи, во делови од котлината и во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град. Од четврток дневната температура ќе биде во пораст.
Климатските промени ги зголемуваат фреквенцијата и интензитетот на екстремните временски настани, вклучувајќи топлотни бранови, насилни бури и шумски пожари. Земјите околу Средоземно Море - кои минатата недела достигнаа рекордна просечна температура - се едни од најтешко погодените бидејќи емисиите на фосилни горива ја загреваат планетата.
В понеделник постои висок ризик од шумски пожар за Атина и околниот регион Атика, како и за островите Крит, Евија и Родос. Град оштети овоштарници со круши и ниви со диња во Крионери, во северна Грција.
Во јужна Шпанија има предупредувања за горештини, а температурите се искачуваат до 40 Целзиусови степени (104 F).
На португалскиот остров Мадеира во Атлантски Океан властите продолжија да се борат со шумскиот пожар што започна минатата недела.
Предупредувањата за топлина опфаќаат делови од Романија и Унгарија во Централна Европа, додека кон крајот на неделата температурите ќе се искачат многу високо и во Германија и во Швајцарија.
Во Берлин просечната температура се прогнозира да се искачи до 25 Целзиусови степени в петок, 6 Целзиусови степени над 30-годишната норма, пишува „Ведар сервисис интернешнл“ (Weather Services International). Истото тоа се очекува и за Цирих, каде што просечната температура може да се искачи до 24 степени.
Велика Британија и Норвешка ќе останат релативно ладни за оваа доба од годината, со минимална температура од 9 Целзиусови степени во Осло в понеделник. На југозападот од Шкотска има жолто предупредување за дожд.
Во пишувањето на текстот помогнаа Пол Тугвел и Емон Акил Фархат.