Извршниот одбор на „Комерцбанк“ (Commerzbank AG) ја ревидира својата одбранбена стратегија додека се подготвува за потенцијален обид за преземање од страна на „Уникредит“ (UniCredit SpA). Германската банка, која беше изненадена од обелоденувањето на информацијата дека „Уникредит“ стекнала удел од девет проценти, презема мерки на претпазливост пред битката со италијанскиот ривал, според луѓе запознаени со ова прашање.
Се очекува претставниците на вработените да направат заеднички напори за да изградат политичка поддршка за отфрлање на обидот за преземање.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Тешко оди збогувањето со јагленот, зелената транзиција на чекање
Секоја секунда светот согорува 275 метрички тони јаглен – доволно за да се наполнат 10 големи депонии. Накратко, на секои шест часа светот троши доволно за да изгради реплика на Големата пирамида во Гиза од јаглен, напиша неодамна колумнистот на „Блумберг“, Хавиер Бласт.
И покрај силните политички дебати за зелената агенда и зголемувањето со јагленот, бројките покажуваат дека тој баш сега го има својот момент.
Од протоколот од Кјото од 1997 година досега употребата на јаглен е зголемена за 75 отсто, а од Парискиот договор во 2015 за 15 отсто.
А неконтролираното консумирање јаглен нема да престане наскоро. Според сегашните трендови, апетитот за антрацит, лигнит и сите други ќе биде поголем во 2050 година отколку што бил во 2000 година.
РКЕ бара истрага поради високите цени на струјата во регионот
Претседателот на Регулаторната комисија (РКЕ) Марко Бислимоски и министерката за енергетика, Сања Божиновска со официјално писмо до директорот на Енергетската заедница (ЕЗ), Артур Лорковски, бараат да мобилизира екипа што ќе направи детална анализа и ќе ги скенира причините поради кои се регистрира голема нерамнотежа на цената на струјата од земја до земја.
„Почнувајќи од крајот на јуни 2024 година, а особено во јули и август, цените на електричната енергија во регионот на Југоисточна Европа се значително повисоки од цените во преостанатиот дел од Европа. Просечните цени на пазарите ’ден однапред’ во јули 2024 година се движат од околу 159 ЕУР/MWh во Албанија, додека во Франција се околу 46 ЕУР/MWh. Најзабележливи ценовни отстапувања во овој период се регистрирани во Албанија и Романија, како и во други земји од регионот“, се наведува во дописот испратен до ЕЗ.
ЕЦБ ја намали стапката на депозитите за четвртина поен, на 3,5 отсто
Европската централна банка (ЕЦБ) на вчерашниот состанок испорача намалување на каматната стапка за четвртина поен, што е второ намалување на депозитната стапка годинава.
По одлуката, каматната стапка на депозитите ќе изнесува 3,5 отсто, на главните операции за рефинансирање 3,65 отсто, а на маргиналните кредитни олеснувања 3,9 отсто, се наведува во соопштението на централната банка.
Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ до крајот на годината очекуваат барем уште едно намалување на ЕЦБ за 25 базични поени, со цел полека да ѝ се даде оптимизам на економијата, но сè уште со доза на претпазливост во однос на намалувањето на инфлацијата кон планираните два процента до втората половина од 2025 година.
Над 30.000 македонски граѓани лани добиле дозвола за престој во ЕУ за прв пат
Точно 30.004 македонски граѓани во текот на минатата година за прв пат добиле дозвола за престој во некоја од земјите членки на Европската Унија, покажуваат податоците на Евростат. Од нив, 13.730 лица добиле дозвола за престој поради семејни причини, 1.028 лица за образование, а 2.535 лица поради други причини. Лани има зголемување во однос на 2022 година кога дозвола за престој во ЕУ за прв пат добиле 29.591 лице од Македонија.
Според Евростат, повеќе од 3,7 милиони први дозволи за престој биле издадени во ЕУ на граѓани од земји кои не се дел од унијата во 2023 година, што претставува зголемување од 4,7 проценти во споредба со 2022 година и најголем број регистриран до сега.
Тејлор Свифт ги вклучува своите 283 милиони обожаватели во неизвесните избори
Тејлор Свифт докажа дека е културна и економска сила. Како што американската претседателска трка се приближува кон својот крај, сите очи се вперени кон тоа дали таа може да стане и политичка фигура.
Само неколку минути по дебатата во која Камала Харис успешно го провоцираше поранешниот претседател Доналд Трамп, Свифт на своите 283 милиони следбеници на Инстаграм им соопшти дека ќе гласа за потпретседателката.
Одлучноста на Свифт да се вклучи во оваа борба носи ниво на влијание што е речиси неспоредливо во целиот свет. Нејзиниот досег на социјалните мрежи го надминува досегот на Илон Маск, најбогатиот човек на светот и сопственик на платформата порано позната како Твитер.