Европската централна банка, очекувано, ја намали каматната стапка за четвртина поен. Во однос на следните потези, ЕЦБ не обелодени многу, само соопшти дека „ќе продолжи да го следи пристапот зависен од податоците и состанок по состанок ќе одредува за соодветното ниво и времетраење на ограничувањето. Управниот совет не се обврзува однапред на одредена патека на стапката.
Пред состанокот на извршниот одбор на македонската централна банка, Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата се доближува со целта од два отсто. Во август инфлацијата во земјава изнесуваше 2,2 отсто.
Сепак, податоците од статистика открија дека иако инфлацијата се доближува до целта на годишно ниво, на месечно цените на храната растат. Највисок раст од дури 10 отсто во август имало кај зеленчукот. По ова, власта најави дека ќе формира есенска и пролетна кошничка, кои ќе содржат основни производи што се користат во домаќинствата, за кои цените ќе бидат замрзнати. Одлуката на Владата за замрзнување на цените доаѓа само на две недели пред стапувањето во сила на законот за забрана на нефер трговски практики, кој беше донесен за да им стави крај на аномалиите во формирањето на цените.
Продолжува и циклусот на задолжување. Во вторник Министерството за финансии ќе бара 26 милиони евра, ќе се одржат две аукции - едната за тригодишни, другата за 15-годишни обврзници. Во овој контекст анализиравме дали Македонија може да го следи примерот на Словенија и на уште неколку други земји од Централна и Источна Европа (ЦИЕ) што преку издавање таканаречени самурајски обврзници се задолжуваат на азиските пазари. Анализата покажа дека за ваков чекор земјава не е зрела.
Прометот на Македонската берза во првата половина од годината беше за 46,22 проценти поголем во однос на истиот период лани. Зголемувањето на прометот беше добредојдено и за брокерските куќи преку кои се врши тргувањето на берзата и кои заработуваат од реализираните трансакции. Анализиравме кој е кој меѓу брокерите.
Се занимаваме и со вештачката интелигенција, која полека ги зазема и нашите уреди. Со напредокот во сферата на вештачката интелигенција, создавањето лажни видеосодржини, познати како „дипфејк“ (deepfakes), стана вистинска и опасна закана. Оваа технологија овозможува создавање убедливи видео или аудиоснимки, кои изгледаат како да се направени од вистински луѓе, но всушност се целосно измислени. Ќе знаеме ли што е вистина во иднина?
Прочитајте повеќе:
Трамп против Германија за јагленот, ама и кај нас зелената транзиција е на чекање
„Епл“ и „Гугл“ ги загубија судските спорови со ЕУ
Неделата ја обележи првата и веројатно последна дебата меѓу двајцата претседателски кандидати во САД. По дебатата, во која Харис го навлече поранешниот претседател на своите услови, американската суперѕвезда Тејлор Свифт им кажа на своите обожаватели дека ќе гласа за кандидатката на демократите. Со овој потег Свифт ги вклучи своите 283 милиони обожаватели во неизвесните избори.
Предизборната реторика се разгорува и во Германија. Таму миграцијата ќе биде во фокусот во пресрет на изборите што ќе се одржат следната година. „Мора да можеме да избереме кој доаѓа во Германија“, рече Шолц пред германските пратеници.
Додека тече дебатата таму, 30.000 македонски граѓани лани избрале за првпат да побараат престој во земјите од Европската Унија.